Регион
Вучиќ контра Пентагон: Никој во мое име нема да носи одлуки
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, порача дека притисоците врз Србија и обвиненијата што доаѓаат од разни страни зборуваат за исправноста и силата на српската политика на самостојност и независност, пренесува „Спутник“.
Прашан за коментар за извештајот на Пентагон и предупредувањето упатено до него поради соработката со Русија и тоа во миг кога од друга страна е критикуван за влошувањето на односите со Русија, Вучиќ истакна дека одлуките за Србија ќе продолжат да ги носат граѓаните на Србија, без оглед на притисоците.
„Тие притисоци и обвиненија од целиот свет – од Америка дека сме блиски со Русите, а некои во земјата зборуваат дека сме против Русите. Јас мислам дека тоа доволно кажува за исправноста и силата на српската политика“, рече Вучиќ и додаде дека силата во нивната самостојност и независност е во тоа што самите носат одлуки.
„Никој во мое име нема да носи одлуки ни во Вашингтон, ни во Брисел, ни во Москва, ни каде било на друго место“, нагласи тој.
Вучиќ додаде дека Србија ќе продолжи да соработува со светот додавајќи дека набргу со САД ќе бидат потпишани важни договори за изградба на коридор недалеку од Крагуевац, како и дека ќе отпатува во Сочи на средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Медиумите вчера објавија информација за извештајот на Пентагон, во кој се оценува дека Србија е најпопустливото опкружување во регионот на Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и може трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат многуте согорувачки постројки, кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.

