Регион
Вучиќ: Никој не ни нуди поделба на Косово, не треба да се лаже народот
Никој не ни нуди ништо во однос на Косово, нема понуда за поделба на Косово, никој нема да ни даде ништо, а околу 100 земји што го признаа Косово нема да се откажат и сакаат да ја видат Србија без Косово“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој во Ковин изјави дека „треба да се разбере тежината на позицијата на Србија“ и дека „не треба да се лаже народот дека нашата позиција е полесна“ отколку што е. Тој рече дека „сите постојано инсистираат на тоа дека е предавник“ и дека е „донесен (на власт) за да потпише нешто“ во врска со Косово.
„Сите велат дека сум ветил дека ќе потпишам, а што да потпишам – ништо“, рече Вучиќ.
Тој ги повика граѓаните да го сменат и ако сметаат дека е подобро, да донесат некој друг „кој ќе упатува пцости кон секој државник од земјите коишто го признале Косово“.
Вучиќ рече дека „никој не го прифаќа компромисот којшто тој го нуди„ и дека компромис одбил и победникот на изборите за Косово, Албин Курти.Тој оцени дека Курти ја продолжува политиката на премиерот во заминување Рамуш Харадинај, што не е добра порака за косовските Срби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Српскиот патријарх: Го губиме националниот идентитет, тоа е загрижувачко
Да ги надминеме поделбите и да си подадеме рака еден на друг, порача поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, во својата божиќна порака, оценувајќи дека „за внатрешните политички тензии и поделби во Србија сведочи целиот српски народ, каде и да се наоѓа“.
„Внатрешните политички тензии доведоа до длабока поделба во општеството и недоверба меѓу луѓето, а разликите во мислењата сè повеќе се развиваат во ирационална омраза“, истакна српскиот патријарх и повика на надминување на поделбите.
„Да си подадеме рака еден на друг, бидејќи сме неопходни еден на друг“, нагласи Порфириј, оценувајќи дека ситуацијата во Србија е сложена и тешка.
Поглаварот на СПЦ го гледа како „особено загрижувачки“ „губењето на националниот и културниот идентитет, што го доведува во прашање континуитетот на историското и духовното саморазбирање на нашиот народ, а во исто време не може да се објасни само со надворешни влијанија“.
„Заедно со тоа доаѓа економската несигурност и демографскиот пад: Србија се соочува со многу негативен природен прираст и, следствено, со еден од најбрзите депопулации во светот, како и со сè поизразено стареење на населението“, рече патријархот.
Нагласувајќи дека Божиќ е празник на мирот, Порфириј рече дека денес „човештвото има потреба повеќе од кога било да се врати кон тој извор на мир кој не е наметнат со сила, туку се открива во понизност и љубов“ во „однос што гради доверба, заедништво и почит кон секое човечко суштество“.
Регион
(Видео) Поплави во Херцеговина: куќи под вода, нивото на реките продолжува да се зголемува
Во подрачјето на Херцеговина, во последните 24 часа, семејни куќи и населби се поплавени, реките се излеале и има лизгања на земјиштето, па затоа прогнозите за нови, уште пообилни врнежи од дожд предизвикуваат загриженост кај граѓаните и властите.
Штабот за цивилна заштита на Херцеговско-неретванската жупанија, со седиште во Мостар, предупреди на опасностите што би можеле да ги донесат обилните врнежи од дожд што се очекуваат во следните два дена.
Според метеоролошките прогнози, локално се очекуваат повеќе од 200 литри дожд на квадратен метар, што може да предизвика ненадејни поплави, излевање на реките и нови лизгања на земјиштето. Таква количина на врнежи од дожд е забележана во есента 2024 година, кога последиците во БиХ беа трагични со 27 смртни случаи.
Цивилната заштита предупредува дека интензивните врнежи од дожд можат да доведат до закана за животот и здравјето на населението, сериозни проблеми во сообраќајот, прекини во снабдувањето со електрична енергија и отежнат пристап до одредени населби.
На надлежните служби и јавните претпријатија им се препорачува да бидат во состојба на висока готовност, да спроведат превентивни мерки и да обезбедат подготвеност на персоналот и механизацијата за евентуални итни интервенции.
Регион
Кокаин вреден 10 милиони евра пронајден во камион на српски возач во Италија
Српскиот државјанин Д. В. (54) беше уапсен во Италија откако полицијата откри 110 килограми кокаин со висока чистота во кабината на неговиот камион. Вредноста на запленетата дрога се проценува на околу 10 милиони евра, а возачот, како што објавија локалните медиуми, бил запрен поради неисправно светло на возилото за време на рутинска проверка, пишува Nova.rs.
Италијанската полиција вршела рутинска сообраќајна контрола во областа Лисерт кога забележала камион со неисправно светло. Му сигнализирале да застане, но возачот ја игнорирал наредбата и продолжил да вози. Полицијата успеала да го запре непосредно пред границата со Словенија.
При детален преглед на возилото, полицајците пронашле три големи патни торби во кабината на возачот. Тие содржеле вкупно 100 пакувања кокаин со висока чистота, со тежина од 110 килограми. Според истражителите, вредноста на запленетата дрога е околу 10 милиони евра, додека нејзината улична вредност, по мешањето со други супстанции, би можела да достигне 20 милиони евра.
Според официјалната документација, камионот транспортирал керамички плочки од Шпанија во Србија. Италијанските власти забележуваат дека Шпанија се смета за една од главните влезни точки за кокаин што пристигнува во Европа од Јужна Америка.
Истражителите истакнуваат дека начинот на кој била транспортирана дрогата укажува на директна вмешаност на возачот, со оглед на тоа што кокаинот не бил скриен во товарниот простор, туку бил во кеси во кабината.
Возачот моментално е во притвор во Трст, а според достапните информации, досега не е кривично регистриран.
Случајот го презеде Дирекцијата за борба против мафијата (DDA) во Трст, чија главна цел е да ја разоткрие целата мрежа за дистрибуција на дрога и да ја утврди крајната дестинација на запленетиот кокаин.
фото/депозитфотос

