Регион
„Газдата ми рече бегај“: исповед на работник од забавниот парк во Пефкохори, каде што загина млад човек
Момчето што управуваше со вртелешката во забавниот парк во Пефкохори, каде што минатата недела загина млад човек (19), тврди дека, по несреќата, газдата му наредил да побегне велејќи дека посетителите ќе го линчуваат.
Кобната несреќа се случи на 19 август кога Јани дошол со мајка си и браќата во лунапаркот да се забавува. Кога тој и брат му биле на вртелешката, седиштето се скршило, Јани излетал, паднал на бетонот и останал мртов на местото.
Во драмата што следувала, момчето што управувало со рингишпилот побегнало од местото на несреќата, а на полицијата ѝ се предал дури следниот ден кога слушнал дека го уапсиле газдата, сопственик на забавниот парк.
„Во шок сум. Многу ми е тешко. Сочувство до семејството на загинатиот. Се исплашив бидејќи првпат гледам такво нешто во животот. Жалам за тоа… Детето неправедно умре, но повторно не сум јас виновен, им изразувам сочувство на родителите“, рече младиот човек, кој управуваше со рингишпилот.
Тој тврди дека во моментот на трагедијата не бил под дејство на алкохол.
„Рингишпилот имаше неколку сини и жолти столчиња, но само розовите беа добри, а тој човек седеше на синото столче. Шефот ми рече да ги префрлам луѓето само на розовите столчиња. Така што ги преместив“.
Вели дека по немилиот настан, сè било хистерично.
„Бев во шок. Исплашен. Ми рекоа да одам, дека посетителите ќе ме линчуваат. Тоа ми го кажа лице што со години работи во забавниот парк, кое е партнер на сопственикот. Отидов да се напијам малку вода, да се смирам. Кога се вратив, ми рекоа да си одам дома да не ме види никој. Отидов дома, ми рекоа да си ги спакувам работите, дека ќе ме однесат во Кукуш, каде што ќе се кријам два дена“, тврди момчето.
Посочува и дека не знаел во каква состојба се машините во забавниот парк.
„Да знаев, немаше да ги оставам да седнат на вртелешката, ништо не знаев“, рекол младиот човек.
Јани загина на 19 август во вечерните часови во забавен парк во Пефкохори. Со него на вртелешката бил и помалиот брат (16), а другиот брат и мајка му ги гледале како се возат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

