Регион
„Го гушнав и го изнесов надвор“ – млада девојка херојски спасила момче од стан полн со чад во Риjека, случајно се нашла на улицата

Настан кој ја враќа вербата во несебичните луѓе се случи во четвртокот попладне во Риjека. Во стан во строгиот центар на градот се одвивала вистинска драма и борба за живот, кога девојка (21), случаен минувач спасила 4 ипол годишно момче од стан полн со густ чад. Причина за густиот чад, кој прерасна во пожар во станот на вториот кат од зградата, е запален шпорет.
Доротеа Орландини е името на девојката која го спасила непознатото момче.
Орландини за „ТВ Дневник Нова“ изјави дека се’ уште не е свесна за се што се случило, но оти е горда на себе, пренесува „Дневник.хр“.
„Се’ уште сум потресенa, немам чувство дека сум спасилa нечиј живот. Многу сум горда на себе што така реагирав“, вели таа.
Случајно се нашла на местото на настанот.
„Тргнав од работа, беше околу 16:30 часот. Случајно поминав и слушнав извици: ‘мамо, мамо’. Мислев дека се деца кои си играат во маало. Нешто ми велеше да се свртам“ опиша Орландини.
Се свртела и забележала двајца возрасни како му викаат на момчето да биде покрај прозорецот.
„Погледнав нагоре и она што го видов беше огромен чад како излегува од прозорецот. Влетав во зградата без оглед на исходот. Ја скршив вратата. Фала му на Бога, се’ помина одлично“, опишува Орландини.
Раскажа дека го нашла момчето, го гушнала и го извадила од зградата, на чист воздух.
Самата вели дека не знае од каде добила толку сила за да ја скрши вратата, а и пожарникарите биле изненадени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрватска е подготвена да прифати деца од Газа

Хрватска ги отвора вратите за децата од Појасот Газа, објави Министерството за надворешни и европски работи, со акцент на „психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објавија хрватските медиуми.
„Република Хрватска ќе ги отвори вратите за децата од Газа на ист начин како што ги отвори за децата од Украина, фокусирајќи се на психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објави денес Министерството.
Во соопштението се нагласува дека Хрватска има искуство во ова од Татковинската војна и дека има меѓународно признато знаење за дејствување против мини.
Министерството пишува дека државата е подготвена да прифати деца доколку се појават можности, за што верува дека ќе се појават, и нагласува дека континуирано спроведува проекти поврзани со украинските деца, од кои околу 700 се згрижени во Хрватска, преку јавен повик.
Планот го објави државниот секретар на Министерството за надворешни работи за политички прашања, Франо Матушиќ, на меѓународната конференција за мирно решение на палестинското прашање и спроведување на решение за две држави во седиштето на ОН.
Регион
Украинско комбе се судри со руски камион во Словенија, петмина загинати

На автопатот кој ги поврзува Марибор и Љубљана, во близина на излезот Словенска Коњица, во правец на Љубљана, се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа пет лица, а две се повредени. Несреќата се случила кога патничко комбе удрилo во камион. Сите жртви биле странски државјани, соопшти словенечката полиција, јавуваат медиумите во регионот.
Според досега утврденото, возачот на комбе со украински регистарски таблички, кое превезувало седум лица, поради несоодветна брзина, удрил во задниот дел од приколка која стоела во ред поради работи на автопат. Пет лица загинале во комбето на местото на несреќата.
Возачот, кој ја предизвикал несреќата, е полесно повреден, додека патничка е тешко повредена. Двајцата повредени се пренесени во болница, а тешко повреденото лице е пренесено со хеликоптер. Идентитетот на загинатите сè уште се утврдува.
Возачот на камионот, руски државјанин, не е повреден, но му е понудена психолошка помош поради сериозноста на несреќата, објавува Радиотелевизија Словенија. Несреќата се случила непосредно пред одморилиштето Тепање, на дел од автопатот каде што се во тек големи работи – се реновираат 13 километри пат, два тунела и три вијадукти. Полицијата потврди дека несреќата се случила пред работната зона каде што се формираат долги редици поради затворени ленти.
Фото: принтскрин
Регион
Млад човек се удави во Улцињ: трагедија во Црна Гора

Млад човек се удави во Улцињ денеска, во попладневните часови, јавуваат медиумите во регионот.
Според написите, давењето се случило на „Големата плажа“.
Засега нема информации за идентитетот на загинатиот.
Според последните извештаи било подигнато црвено знаме бидејќи имало големи бранови во морето.