Регион
Гром удрил во куќа со историско значење во Хрватска, камења се разлетале и ги уништиле околните возила
Подрачјето на хрватскиот град Дрниш синоќа било погодено од силно невреме. Како што пренесуваат хрватските медиуми, во текот на бурата, гром удрил во урнатините од стара камена куќа, по што камења се разлетале кон околните куќи и автомобили. Притоа, сериозна штета претрпеле неколку домови и возила.

Куќата во која удрил громот важи за заштитена културна вредност, па во согласност со упатствата на конзерваторите била спроведена привремена заштита, со цел да се спречи евентуална опасност по локалните жители и случајните минувачи. Конзерваторот, Иво Главаш, за медиумите изјавил дека станува збор за објект на Сердар Накиќ Војновиќ, кој се семета за историски значајна личност.
„Кога Османлиите за последен пат го нападнале Дрниш, тој се бранел од оваа куќа која има и оружарница и на некој начин може да се смета за утврден објект“, појаснил тој.

Според хрватските медиуми, оштетените возила му припаѓаат на семејството Хрга.
„Громот удри толку силно што помислив дека е граната. Децата се разбудија исплашени. Кога погледнав надвор, имаше што да се види, но фала му на Бога, тоа е само материјална штета. Апелирам во име на сите нас кои живеат до тој објект, покрај кој секојдневно минуваме ние и на нашите деца, да се направи итна поправка бидејќи е директна закана по нашите животи. Мојот сопруг треба да се врати од пат, а веќе е во шок, пред неколку дена го купивме новиот автомобил, а тој уште го нема ни видено“, рекла Милена Поткрајшек Хрга. Додала дека во нејзината, но и соседните куќи, била предизвикана штета и на белата техника која прегорела.

„Понекогаш мислам што би било доколку камената куќа се урне врз нашата, наместо на спротивната страна и благодарна сум што не се случи поголема трагедија. Искрено се надевам дека некој ќе реагира и ќе му пристапи сериозно на проблемот“, додала таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кипар го подигна нивото на тревога, училиштата се затворени
Кипар го подигна нивото на тревога по нападот со беспилотни летала врз британската воена база РАФ Акротири на островот. Властите ги затворија училиштата и спроведоа евакуации каде што е потребно, бидејќи земјата е вовлечена во ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Во утринското обраќање до нацијата, кипарскиот претседател Никос Христодулидес рече дека безбедноста на земјата е најголема грижа на неговата влада.
„Се наоѓаме во регион со исклучителна геополитичка нестабилност, со бројни предизвици и проблеми, кој во моментов поминува низ невидена криза. Правиме сè што е потребно, а безбедноста на нашата земја и граѓаните е наш врвен приоритет“, рече тој.
Тој нагласи дека Кипар, членката на ЕУ најблиску до Блискиот Исток и популарна туристичка дестинација, инсистира дека нема да се вклучи во никакви воени операции.
„Остануваме посветени на хуманитарната улога што ја имавме цело време – секогаш како дел од решението, а не како проблемот – и ќе продолжиме да дејствуваме со истото чувство на одговорност“, додаде Христодулидес.
Осврнувајќи се на нападот што се случи синоќа, ретседателот рече дека „дрон Шахед погодил воени објекти во британската база во Акротири и предизвикал мала материјална штета“.
Грчките медиуми објавија дека бил неутрализиран и втор борбен авион, кој Иран исто така го насочил кон британската база, оддалечена околу 960 километри.
фото/ЕПА
Регион
Над илјада лица протестираа во Атина против нападите врз Иран
Повеќе од илјада лица маршираа во неделата низ Атина до американската и израелската амбасада во знак на протест против нападите врз Иран. Според полицијата, на протестот учествувале над 1.300 демонстранти.
Протестот бил организиран претежно од поддржувачи на Комунистичката партија на Грција, кои носеле транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Иран“ и „Затворете ја базата Суда“. Амбасадите на САД и Израел биле обезбедени со полициски кордони.
Συγκέντρωση στο πάρκο Ελευθερίας και πορεία προς την αμερικανική πρεσβεία πραγματοποίησαν εργατικά σωματεία και φορείς κατά των επιθέσεων των ΗΠΑ και Ισραήλ στο Ιράν.
🎥orange press#ingr #news #αθηνα #iran pic.twitter.com/q5IcH44kzk
— in.gr/news (@in_gr) March 1, 2026
Ден претходно, грчките власти ги засилиле безбедносните мерки во поморската база Суда на островот Крит, која ја користат САД како стратешка точка во источниот Медитеран.
Фото: ЕПА
Регион
Оштетена амбасадата на Србија во Техеран во утринските напади
Во утринското бомбардирање на Техеран е оштетена зградата на Амбасадата на Србија во Иран, дознава српски „Телеграф“.
Според информациите на медиумот, била гаѓана блиската база на Басиж, а од силата на ударот е предизвикана материјална штета и на објектот во кој се наоѓа српската дипломатска мисија.
Во нападот нема повредени меѓу персоналот на амбасадата.
Во тек е нов бран напади на Израел и САД врз воени објекти во Иран, особено во Техеран.

