Регион
Грчката опозициска Нова демократија води пред СИРИЗА во пресрет на изборите за ЕП
Во пресрет на изборите за Европскиот парламент и локалните избори во Грција на 26 мај, најголемата опозициска партија во оваа земја, Нова демократија, ја задржува предноста над владејачката СИРИЗА од 6,5 отсто, пренесува грчкиот весник „Катимерини“.
Во анкетата објавена од грчкиот весник „Та неа“, 30 отсто од испитаниците ги поддржуваат конзервативците, а 23,5 отсто ја поддржале владејачката партија СИРИЗА.
Според податоците од истражувањето, сојузот од левиот центар Движење за промени е поддржан од 6,6 отсто од испитаниците пред екстремната десница Златна зора со 6,3 отсто и Комунистичката партија на Грција со 5,9 проценти.
Резултатите од анкетата покажуваат дека 63,4 отсто од испитаниците изјавиле оти очекуваат Нова демократија да победи на изборите што ќе се одржат за помалку од една недела, само 17 отсто сметаат дека ќе победи СИРИЗА, а дури 56,9 отсто од испитаниците велат дека негативно гледаат на актуелната грчка влада во споредба со 36,3 проценти, кои велат дека позитивно ја оценуваат нејзината работа.
Резултатите од изборите за Европскиот парламент и локалните избори што ќе се одржат в недела во Грција се моќен показател за политичките партии во земјата, со оглед на тоа што парламентарните избори ќе се одржат наесен, односно во октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Дете висеше од жичарата на Јахорина па падна, скијачите се обидоа да го фатат
Вчера, дете падна од жичарата на планината Јахорина во Босна и Херцеговина откако некое време висеше држејќи се за седиштето. Видеото од инцидентот покажува како другите скијачи се обиделе да помогнат, но детето на крајот паднало на земја.
Видеото го прикажува детето како виси од столчето неколку моменти пред падот. Скијачите кои случајно се нашле на падината под жичарата се обиделе да го фатат за да го ублажат падот.
Сè уште не е познато зошто детето паднало од седиштето.
Планинарската служба потврди за БН дека се случила несреќата. Повреденото дете е однесено во болницата „Србија“ во Источно Сараево, каде што е на лекување.
Лекарите сè уште не дале коментар за сериозноста на неговите повреди.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.

