Регион
Грчките острови ќе бидат поврзани со копното со хидроавиони
Воздухопловната компанија Grecian Air Seaplanes најави дека ќе воведе летови со хидроавиони во септември за подобро поврзување на островите со копното откако пристаништата добија дозволи за овој вид транспорт.
Во почетната фаза флотата ќе вклучува три хидроавиони со 19 седишта, кои ќе летаат од пристаништата на Јонското Море, а со текот на времето нивниот број треба да се зголеми.
Хидроавионите може да функционираат како дополнување на другите превозни средства, вклучувајќи траекти и стандардни авиони, а исто така може да се користат за чартер-летови, медицински превоз и товарни услуги, истакнува „Ројтерс“.
Грција има вовлечено крајбрежје од 16.000 километри, кое е идеално за услуги со хидроавиони. Превозниците може да го подобрат пристапот до многу туристички дестинации и слабо поврзани острови, што би го зајакнало туризмот.
Компанијата соопшти дека планира да ги прошири деловните активности паралелно со издавање лиценци на пристаништата на островите во Јонското Море, вклучувајќи ги Крит, Киклади, Споради и Додеканези.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Експерти: Настрешницата во Нови Сад била 23 тони потешка од дозволеното
Конструкцијата на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, која се урна на 1 ноември и усмрти 15 лица, била за 23,11 тони потешка од првично проектираната, се вели во извештајот на вештачењето, пренесува Н1 Србија.
Имено, Техничкиот факултет во Нови Сад – отсек за градежништво и геодезија, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, изврши вештачење на зградата на Железничката станица во Нови Сад, со цел да се утврди причина за уривање на настрешницата.
Според мислењето на вештото лице, меѓу другото се наведува дека „конструкцијата на настрешницата во моментот непосредно пред кршењето била оптоварена со оптоварување што е поголемо од првично проектираното за околу 107 кг/м2, т.е. за околу 23,11 тони“, пишува Н1 Србија.
Стручниот тим на експерти во извештајот наведува и дека „тие сметаат дека визуелните индикации за такво нешто мора да биле забележливи во деновите пред уривањето на настрешницата“.
„Клучниот конструктивен елемент за обезбедување на носивоста и стабилноста на настрешницата, бил во состојба на намалена носивост и зголемено оптоварување во моментот на уривањето“, наведуваат од Факултетот во заклучоците на пресметковна анализа.
„Намалената носивост ја потврдија резултатите од лабораториските испитувања на Институтот ИМС, според кои, во моментот непосредно пред уривањето, околу 40 отсто од жиците во затегнувачите биле во дефект. Причината за ваквата состојба била корозија која настанала на спојот на затегнувачот и кровниот носач. Овој дефект можел да се утврди со увид на конструкцијата при контролни проверки пропишани како дел од редовното одржување на објектот“, се наведува во заклучокот.
Регион
(Видео) Пожар на главната железничка станица во Софија: најмалку 4 лица загинаа,
Најмалку четири лица го загубија животот во пожар што рано утринава избувна во вагон на Главната железничка станица во Софија. Пожарот бил пријавен во 2 часот и 35 минути, поради што на лице место се испратени две противпожарни единици со вкупно 14 пожарникари, објави Новините.
Според директорот на софиската противпожарна служба, вишиот комесар Веселин Гетов, пожарот најверојатно настанал поради невнимание со отворен пламен во последниот вагон на возот.
„По гаснењето на пожарот, најдовме четири мртви лица во возот“, потврди тој.
Првичните сознанија укажуваат дека пожарот го предизвикале бездомници кои во текот на ноќта влегле во вагонот.
Очевидци од областа потврдуваат присуство на бездомници кои често ја користат станицата и нејзините возови за да се засолнат.
Пожарот избувнал во еден од вагоните на возот кој требало да оди кон Петрич во 7 часот и 30 минути.
Покрај загинатите, тешко повредени се и двајца мажи кои се пренесени во Универзитетската болница Пирогов.
Двајцата на возраст од 35 и 65 години се на одделението за токсикологија и се во критична состојба поради вдишување чад.
Регион
Тешка сообраќајна несреќа во Србија, едномесечни близнаци се борат за живот
Во тешка сообраќајна несреќа кај Нови Сад тешко се повредени две едномесечни близначиња, а српски Телеграф пишува дека во болница се пренесени и двајца мажи и една жена.
Од Детската болница во Нови Сад соопштија дека две девојчиња се примени со исклучително тешки повреди опасни по живот и се на интензивна нега на детска хирургија.
Екипата на итната помош од Нови Сад згрижила и транспортирала 43-годишен маж, 34-годишен маж и 34-годишна жена.
На местото на несреќата пристигнале итните служби и пожарникарите, а сообраќајот бил во прекин.