Регион
Два земјотреси ноќеска го потресоа Косово, едниот со јачина од 4 степени според Рихтер
Ноќеска во 01:46 часот по локално време земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала е регистриран во регионот на Призрен. Интензитетот во епицентарот е проценет на V-VI степени од Меркалиевата скала. Малку подоцна, послаб земјотрес, со јачина од 3,2 степени според Рихтеровата скала, повторно ја потресе областа.
Според информациите од ЕМСЦ, првиот земјотрес бил на 16 километри од Призрен на длабочина од 10 километри, а вториот на 19 километри од Призрен и на длабочина од 11 километри.
Земјотреси со ваков интензитет може да предизвикаат помали оштетувања на објектите во епицентралното подрачје, извести Сеизмолошкиот завод на Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Осум деца од Бања Лука се повредени додека го изведувале предизвикот „Супермен“
Најмалку осум деца во областа на Бања Лука и Лакташ се повредени додека го изведувале „Супермен предизвик“ на ТикТок.
Претходно, на тројца ученици од петто одделение од ОУ „Свети Сава“ во населбата Лауш во Бања Лука, им беа скршени двете раце кога го изведоа „Супермен предизвикот“.
Мирослав Попржен, директор на основното училиште „Свети Сава“, кој е и претседател на Здружението на директори на основни училишта од регионот Бања Лука, изјави дека овој немил настан е резултат на предизвикот „Тик Ток“ што децата ги изведувале во училиштето.
„Децата играа непримерни игри, при што едно девојче падна и ги скрши рацете. Децата го видоа предизвикот и го направија тоа, без да размислуваат за последиците“, вели Попржен.
Како што рече, важно е родителите на основците внимателно да ги следат содржините што ги гледаат нивните деца на социјалните мрежи.
Регион
(Видео) Српска министерка ја нападна Хрватска пред Советот за безбедност на ОН
Пред Советот за безбедност на ОН беше доставен полугодишен извештај за работата на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, тело формирано да ја заврши работата на Меѓународните кривични судови за Руанда и поранешна Југославија. Извештајот го презентираа претседателката на Механизмот Грасиела Гати Сантана и обвинителот Серж Брамерц.
Како што јави ХРТ, судијата Гати Сантана го истакна случајот на Јојиќ и Радета, кој се смета за еден од најсериозните примери на несоработка. И покрај барањата, Србија не ги уапси ниту ги префрли во Хаг обвинетите за заплашување сведоци во постапката против Воислав Шешељ.
Обвинителот Брамерц најави дека случајот против Шешељ наскоро се очекува да биде префрлен во Србија на судење пред националниот суд. Тој, исто така, предупреди дека некои земји продолжуваат да им даваат засолниште на осомничените за воени злосторства за да избегнат гонење. Оваа година, неговата канцеларија прими повеќе од 400 барања за помош од националните судови во гонењето на злосторствата извршени во Руанда и поранешна Југославија.
Членовите на Советот за безбедност, освен Русија, најмногу ја пофалија работата на Механизмот. Меѓутоа, Русија го критикува Механизмот, обвинувајќи го за пристрасност и селективност на штета на Србија и бара негово укинување.
Српската министерка за правда Маја Поповиќ во своето обраќање ги критикуваше Хрватска и Босна и Херцеговина. Таа ја обвини Хрватска дека само ги гони Србите за воени злосторства, додека злосторствата против Србите остануваат неказнети. Таа упати слични обвинувања за Босна и Херцеговина. Таа, исто така, го доведе во прашање именувањето на аеродромот во Загреб по Фрањо Туѓман и додаде дека одговорните за воените злосторства како Насер Ориќ и Анте Готовина се на слобода.
Хрватскиот амбасадор во ОН, Иван Шимоновиќ, остро одговори, посочувајќи ја разликата меѓу Фрањо Туѓман, „кој ја бранеше својата земја од агресорите“, и Слободан Милошевиќ и неговите следбеници, одговорни за агресијата врз Хрватска, БиХ и Косово.
Регион
Дете тешко повредено додека изведувало предизвик на „Тик-ток“ во Бања Лука
Во полицијата во Бања Лука било пријавено дека едно дете е тешко повредено по предизвик кој се проширил на социјалната мрежа „Тик-ток“. Според медиумите, станува збор за „Супермен предизвик“ во кој две деца го фрлаат третото дете во воздух.
Полицијата соопшти дека тешко повреденото дете во Бања Лука не е во животна опасност. Во исто време, вниманието беше свртено кон родителите/старателите да се грижат што гледаат нивните деца на „Тик-ток“.
Медиумите потсетуваат дека „Супермен предизвикот“ е забележан и кај децата во Србија, а она што е спорно во врска со него е начинот на кој се изведува и ризикот од сериозни последици што може да ги предизвика, што често доведува до скршеници на зглобовите.
Посебната опасност со овој „предизвик“ е всушност тоа што ако две лица, кои се задолжени да го прифатат третиот, не го сторат тоа во вистински момент, можат да го пуштат да падне на подот, па и самите креатори на оваа содржина предупредија дека учеството во оваа активност може да доведе до сериозно повредување на еден од актерите.