Регион
До смрт претепан брат на министер на Федерацијата БиХ, се огласи српската полиција
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/04/Policija-Srbija.jpg)
Вчера во попладневните часови во Белград е убиен братот на вицепремиерот на Федерацијата Босна и Херцеговина, Војин Мијатовиќ, потврди српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, пренесе Н1.
„Синоќа околу 18, 19 часот полицијата добила повик дека дошло до тепачка, отишле на адресата на Вождовац, го пронашле повредениот со сопругата. Тој бил пренесен во Итната помош и таму починал“, изјави Дачиќ за Блиц ТВ.
Како што пренесуваат белградските медиуми, Ѓорѓе Мијатовиќ починал откако бил претепан од хулигани во детскиот парк во Вождовац.
Според неофицијални информации, тој бил претепан од две млади момчиња по кои полицијата се уште трага.
Дачиќ нагласи дека се утврдува дали тој починал од ударите кои ги добил.
„Обдукцијата ќе утврди, лекарите велат дека имал и некои епилептични напади“, изјави Дачиќ.
За случајот е информирано Вишото јавно обвинителство во Белград, кое побарало обдукција. Како што пишуваат српските медиуми, синот на Мијатовиќ вчера му се пожалил на татко му дека млади луѓе го малтретирале во паркот и му ја украле топката. Мијатовиќ потоа отишол кај нив, а по кратка дискусија младите го нападнале и го претепале. Тој во тешка состојба бил примен во болница каде им подлегнал на повредите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Регион
Земјотрес со јачина од 4,3 степени во Бугарија
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/08/zemjotres-1.jpg)
Земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала ги погоди Пловдив и Асеновград.
Земјотресот е регистриран во 20 часот и 24 минути, со епицентар на околу 6 километри северно од Асеновград и на околу 16 километри југоисточно од Пловдив, на длабочина од 12,5 километри според последните податоци.
Засега нема информации за материјална штета или повредени лица.
Земјотресот се почувствувал на високите катови во станбените згради во Пловдив и луѓето излегле на улиците, јавува БНР.бг.
Регион
Брнабиќ: Јавноста не е свесна за опасноста за животот на Александар Вучиќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/05/бенабиќ.jpg)
Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, денеска, во интервју за телевизијата „Хепи“ изјави дека „јавноста не е свесна за опасноста за животот на Александар Вучиќ“, пренесува „Нова.рс“.
Нејзината изјава следува по објавувањето на наводната преписка на осомничените членови на нарко-картел во Црна Гора.
Брнабиќ истакна дека „Александар Вучиќ е единствената бариера за таа мафија“.
„Заканата за животот на Александар Вучиќ постои сѐ додека Радоје Звицер е на слобода“, предупреди таа.
Звицер е водач на озлогласениот Kавачки клан.
Тој е поврзан со многубројни убиства, продажба на дрога и други злосторства. Во мај 2020 година Звицер беше застрелан среде бел ден додека џогирал во близина на неговиот стан во Киев. Двајца вооружени напаѓачи испукале десетина истрели, од кои пет го погодиле.
Тој е во бегство од февруари 2021 година кога во Белград беа уапсени членовите на групата на Вељко Беливук. Во септември 2022 година се појави информација дека е убиен во Панама, но подоцна беше демантирана.
Брнабиќ истакна дека Вучиќ „не е само бариера за спречување на организираниот криминал и мафијата да ги заземат Србија и регионот, туку и гаранција за безбедноста“. Како пример таа наведе дека, според податоците на Народната банка на Србија, до 10 јуни во Србија пристигнале „над две милијарди евра приливи на директни странски инвестиции“.
Регион
„Фајненшл тајмс“: Србија го добива најголемиот рудник за литиум во Европа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/Screenshot-2024-06-17-120015.jpg)
Српскиот претседател Александар Вучиќ се подготвува да ѝ даде зелено светло на британско-австралиската компанија „Рио Тинто“ за развој на најголемиот рудник за литиум во Европа две години откако Белград се откажа од проектот, објави „Фајненшл тајмс“ (ФТ).
Вучиќ изјави за ФТ дека новите гаранции од глобалниот рударски гигант и од Европската Унија изгледа одговориле на загриженоста на Србија за тоа дали ќе бидат исполнети потребните еколошки стандарди на наоѓалиштето Јадар на западот од земјата.
„Веруваме дека проектот за Јадар има потенцијал да биде средство од светска класа, што може да дејствува како катализатор за развој на синџирот на електрични возила во Србија“, изјавија од компанијата „Рио Тинто“ за „Ројтерс“.
Литиумот, кој се смета за критичен материјал во ЕУ и во САД, се користи во батериите за електрични возила и мобилни уреди.
„Ако исполниме сè, рудникот би можел да биде отворен во 2028 година“, изјави Вучиќ за ФТ додавајќи дека се очекува рудникот да произведува 58.000 тони литиум годишно. „Тоа би било доволно за 17 отсто од производството на електрични возила во Европа, приближно 1,1 милион автомобили“, рече претседателот на Србија.
Во 2022 година Белград ги откажа лиценците за проектот „Јадар“, вреден 2,4 милијарди долари, по големите еколошки протести. Доколку биде завршен, проектот би можел да задоволи 90 отсто од тековните европски потреби за литиум и да помогне компанијата да стане водечки производител на литиум.
Во текот на 2021 и 2022 година српските екологисти собраа 30.000 потписи на петиција, со која се бараше парламентот да усвои закон за запирање на истражувањето на литиум во земјата.