Регион
Евакуираните жители се вратија по експлозијата и затекнаа ужас, Неа Анхијалос како град на духови
Пожарот во околината на Волос, во централна Грција, кој предизвика експлозии во воен магацин, е ставен под контрола, соопшти Противпожарната служба на таа земја.
Како што јави телевизијата ЕРТ, 90 пожарникари од четири групи воена пешадија, 31 возило, пет авиони и еден хеликоптер биле ангажирани во гаснењето на пожарот во областа Магнезија, во Тесалија, каде што се наоѓа Волос.
Пожарот доведе до серија силни експлозии во четвртокот во складиште за муниција на воздухопловните сили недалеку од Неа Анхијалос во Тесалија.
По експлозиите, жителите на Неа Анхијалос, Ступи, Веланидија, Маратос, Критарија, Сорос, Кастраки, Кокино и на Перивлептос биле известени да се евакуираат.
Од експлозиите нема жртви или повредени, јавува ЕРТ.
Во Неа Анхијалос крајбрежната стража ги качуваше граѓаните на приватни чамци, кои се собраа во пристаништето. Граѓаните беа пренесени на пристаништата во Волос, а потоа во градскиот изложбен центар. Во тој простор се сместени повеќе од 1.000 луѓе.
Новинарите на ЕРТ јавуваат дека Неа Анхијалос утринава изгледа како град на духови, со знаци на уништување предизвикани од повторените експлозии на воена опрема.

Искршените прозорци, оштетените фасади на куќите и отворените порти сведочат дека нешто лошо се случило во тоа гратче, кое жителите биле принудени да го напуштат.
Еден корисник на „Твитер“, дури ја спореди ситуацијата во Неа Анхијалос со експлозиите со Перл Харбор.

„Градот е празен од вчера и полека некои се враќаат за да видат колкава штета е направена. Жителите ги напуштија Неа Анхијалос во 18 часот попладне оставајќи ги своите автомобили зад себе“, велат новинарите на ЕРТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

