Регион
Евакуиран трговски центар во Сараево поради дојава за бомба

„Сараево сити центар“ е евакуиран поради дојава за поставена бомба, соопшти Оперативниот центар при Министерството за внатрешни работи во БиХ.
Дојавата за поставена бомба во трговскиот центар телефонски е упатена во 16.55 часот, по што припадниците на полициската управа на Кантонот Сараево почнале со претрага, пренесе „Клих“.
„По дојавата за поставена бомба, објектот е евакуиран за да се изврши КДЗ преглед, што е дел од вообичаената процедура“, се наведува во соопштението и се додава дека прегледите почнале од последниот кат на кој имало многу посетители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Лептоспироза во Сараево? Лекарите примиле десет пациенти со сомнителни симптоми

Инфективната клиника при Клиничкиот центар во Сараево во последните денови лекувала десет пациенти со симптоми што укажуваат на лептоспироза, пренесува „Кликс.ба“ од неофицијални извори.
Првите случаи се регистрирани во сараевската општина Нови Град, каде што граѓаните почнале да се јавуваат кај лекарите со висока температура, силен замор и покачени воспалителни и хепатални параметри. Неофицијално, болеста се проширила во овој дел од градот преку водата.
За да се спречи понатамошното ширење на инфекцијата, во моментот се спроведува пролетна дератизација во општините Нови Град, Центар и Илиџа. Во исто време, интензивирани се контролите врз управителите на згради, пазарите и јавните површини.
Лептоспирозата е заразна болест предизвикана од бактерии од родот Leptospira. Најчесто се пренесува преку контакт со вода, почва или храна контаминирана со урина од заразени животни, особено глодачи. Инфекцијата се јавува кога бактериите влегуваат во телото преку оштетена кожа или мукозни мембрани (очи, нос, уста).
Симптомите вклучуваат висока температура, главоболка, болки во мускулите, замор и повраќање, а во тешки случаи може да се појави оштетување на црниот дроб и бубрезите и воспаление на мозокот (менингитис). Нелекуваната лептоспироза може да има сериозни последици, вклучително и смрт.
Експертите советуваат да се избегнува контакт со потенцијално контаминирани површини, да се користи заштитна опрема во области со висок ризик и редовна контрола на штетници и хигиена.
Здравствените институции ги повикуваат граѓаните да обрнат внимание на можните симптоми и веднаш да се обратат на лекар доколку се сомневаат.
Регион
Земјотрес во Хрватска, почувствуван и во БиХ и во Црна Гора

Земјотрес со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа на јужна Хрватска во близина на Дубровник во текот на ноќта, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Според податоците од Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC), епицентарот на земјотресот бил во 00:52 часот на длабочина од 1 километар, 73 км западно од Подгорица и 20 км од Требиње.
Потоа, следеа два послаби земјотреси со јачина од 1,5 и 1,6 степени според Рихтеровата скала во областа на Риека, според EMSC.
Не се пријавени штети од овие земјотреси.
Регион
Падна таван во гимназија во Србија

Дел од таван на училница во гимназијата во Бечеј падна денес за време на часот, пренесуваат локалните медиуми.
Настанот според написите го потврдил и директорот на тоа училиште, Миодраг Башариќ.
„Никој не е сериозно повреден“, изјави Башариќ за 021.rs.
Тој изјави дека училишниот тим за итни случаи моментално работи на инцидентот и дека се собираат информации за инцидентот, како и дека медиумите и јавноста ќе бидат навремено информирани за сè.
Полицијата и брзата помош беа на местото на настанот.
Општина Бечеј потврди дека на 22 мај, за време на часовите, гипс паднал од дел од таванот во Гимназијата, во кабинетот по јазик.
Во соопштението се наведува дека „редовни инспекции биле вршени до почетокот на ученичките блокади, и дека катот над споменатата училница е сè уште блокиран“.
Во изјавата на претседателот на општина Бечеј, Вук Радојевиќ, пишува дека четворица ученици добиле, како што е наведено, само гребнатини.
„Сепак, она што особено нè загрижува е фактот дека дел од училиштето е сè уште блокиран, поточно катот над училницата каде што се случи немилиот настан. Ве потсетуваме дека блокадата на гимназијата Бечеј започна на 21 февруари, а заврши на 6 април, кога наставата беше повторно воспоставена на приземјето на училиштето. Сепак, горниот кат остана блокиран од мал број ученици“, се наведува во соопштението, како што пишуваат медиумите во регионот.
Се наведува дека ќе бидат преземени сите мерки за испитување на сите околности што доведоа до овој немил настан.
„Особено апелирам до родителите и учениците кои блокираат дел од училиштето да престанат да го прават тоа, за да можат стручните служби и надлежните инспекции целосно да ја утврдат состојбата на училиштето по неколкумесечна блокада, а сè за безбедноста на нашите деца“, вели претседателот на општина Бечеј.
Членот на Собранието на Бечеј, Милан Бокун, чие дете оди во ова училиште, за Н1 изјави дека „ова е предупредување дека очигледно не се посветува доволно внимание на сите работи за кои треба да се води грижа“.
„По падот, имавме инспекција со наредба од претседателот на државата. Таа инспекција изготви извештај во кој се наведува дека има пукнатини на таваните и ѕидовите, и очигледно ништо не е преземено во врска со тоа. Зошто? Го оставаме тоа на претседателот на општината, кој вели дека издвојува огромни средства за образование, како што самиот рече кога го отворија тој кабинет“, истакнува тој.
Тој наведува дека кабинетот каде што се урна дел од таванот бил отворен пред нешто повеќе од една година.
„Дури имаше и помошник-министер за образование за да го отвори. Кабинетот беше реновиран, реконструиран. Очигледно е дека плаќаме само за скапа шминка, а тоа е многу лошо“, вели тој.