Регион
„ЕВБ“ Победата на Нова демократија и што значи тоа за Северна Македонија
Мала е веројатноста дека вчерашната победа на конзервативната Нова демократија на изборите во Грција ќе создаде нови потешкотии во односите помеѓу Атина и Скопје, смета универзитетскиот професор од Универзитетот Пелопонез, Николас Цифакис, објави „Јуропиан вестерн Балканс“ (ЕВБ).
Во текстот насловен „Што значи победата на Нова демократија за односите со Северна Македонија“, грчкиот аналитичар и професор Цифакис истакнува дека победата на партијата која во јануари гласаше против ратификацијата на Преспанскиот договор, нема да значи промена на курсот на Атина кон Северна Македонија сѐ додека примената на спогодбата тече глатко.
Лидерот на опозициската Нова демократија во јануари тврдеше дека договорот од Преспа ќе создаде повеќе проблеми за Грција, отколку што ќе реши, потсетува „ЕВБ“.
„Преспанскиот договор не беше единствената тема за време на изборната кампања. Киријакос Мицотакис повторуваше постојано дека нема да го доведе во прашање договорот што Грција го ратификуваше“, појаснува Цифакис.
Иако се противеше на договорот, Мицотакис рече дека штом еднаш договорот е ратификуван, мали се шансите нешто да се промени.
Цифакис е уверен дека ако Северна Македонија продолжи да го почитува и применува договорот, вклучувајќи ги и одредбите за политичката и економската соработка, тогаш не треба да постои грижа за дополнителни потешкотии, особено кога ќе дојде моментот за отворање на преговорите за пристап во ЕУ.
„Од Атина не се очекува промена на курсот во преговорите за пристапување на Северна Македонија, се додека го почитува договорот“, заклучи Цифакис за „ЕВБ“.
Тој смета дека победата на Нова демократија е одлична вест за грчката економија на која очајнички и е потребен друг модел на економска политика, која ќе биде фокусирана на намалување на даночните стапки, спроведување на структурни реформи и стимулирање на приватните инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и може трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат многуте согорувачки постројки, кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.

