Регион
Европското обвинителство почна акција во Бугарија: Претреси и апсења поради злоупотреба на европски фондови
Европската јавна обвинителка Лаура Ковеши реши да почне акција во Бугарија и конечно да стави крај на неуспехот на Брисел да го реши проблемот со кражбата на европските фондови, пишува Политико.
Во четвртокот Европското јавно обвинителство извршило претреси во 28 домови и канцеларии во рамки на истрагата за злоупотреба на парите на Европската Унија за железнички проекти, а уапсен е и градоначалникот на Генерал Тошево, град на североистокот на земјата.
Акцијата се најавува веќе неколку години, а водечки политичари од бугарскиот реформистички табор тврдат дека извлекувањето средства од ЕУ станало еден од главните извори на приходи на организираните криминални групи.
Центарот за проучување на демократијата, невладина организација од Софија, заклучи дека во 2020 година се отуѓени дури 15 отсто од парите од европските фондови.
Европското обвинителство во моментов спроведува 143 истраги во Бугарија со проценета вкупна штета од 492 милиони евра, според извештајот за минатата година.
Како најсиромашна држава во ЕУ, Бугарија редовно бара поддршка од европските даночни обврзници за да изгради инфраструктура и да ги направи старите згради од социјалистичкиот период енергетски поефикасни.
Обвинителството, кое е задолжено за кривично гонење на дела против финансиските интереси на ЕУ, соопшти дека во моментов истражува два проекти за градење железничка инфраструктура, вредни повеќе од 241 милион евра од фондовите на ЕУ, и грант за подобрување на енергетската ефикасност на станбените објекти во Генерал Тошево вреден 169.000 евра.
Повеќе од 100 припадници на бугарската полиција извршиле рации во рамки на истрагата за изградбата на железничката пруга меѓу градовите Костенец и Септември, за што Европската агенција за клима, инфраструктура и животна средина обезбедила 130 милиони евра. Се истражува и можна злоупотреба на средствата за изградба на пруга меѓу селата Оризово и Михајлово, која ја финансира Кохезискиот фонд со над 111 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Регион
(Видео) Објавени снимки од последните денови пред трагедијата поврзана со култ во Бугарија
Бугарската полиција и обвинителството денес презентираа детални информации за трагичниот случај со шест жртви во областа Петрохан – Околчица поврзани со култ.
Беше потврдена и образложена информацијата дека за мртвите мажи, пронајдени на 2 февруари кај хижата „Петрохан“, станува збор за самоубиство, а за телата пронајдени подоцна во кампер под врвот „Околчица“ – за убиство проследено со самоубиство, јави „Њуз.бг“.
На брифингот беа претставени снимки од шест камери, кои органите на прогонот ги споделија со медиумите. Станува збор за видеа од 31 јануари, 1 и 2 февруари 2026 година. Снимките се од надворешниот дел на панинарската куќа и приодот – од синџир во регионот, патот и крстосницата во близина, рампата, паркингот и задната порта на објектот.
Стана јасно дека дел од камерите снимале само при детектирано движење. На една од снимките се слушаат истрели во самата колиба, при што се гледа и пожарот во објектот. На 2 февруари веќе нема траги од луѓе и возила во периметарот на колибата.
На некои од снимките се гледа и секојдневието на ренџерите, како и пристигнувањето или заминувањето на џиповите што ги користеле. Кадрите прикажуваат и ритуал, во кој учесниците клекнуваат и се поклонуваат до земја, упатувајќи благодарности и молитви.
Регион
Вучиќ се сретна со Макрон: Разменивме мислења за улогата на Србија и Франција во новиот свет што се создава
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска, за време на посетата на Индија, се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.
„На другиот крај на светот, во Њу Делхи, со пријателот Емануел Макрон секогаш срдечно и во добро расположение, особено по исклучителната вечера што ни ја приредија љубезните домаќини“, напиша Вучиќ на Инстаграм и додаде:
„Иако немаше време за сериозни и тешки теми, искористивме неколку моменти да размениме мислења за самитот во Индија и за местото и улогата на Србија и Франција во новиот свет на чие создавање сме сведоци.“
View this post on Instagram
Во текот на денот, претседателот Вучиќ имал почесно место на вечерата во Њу Делхи што ја организирал индискиот премиер Нарендра Моди. На свечената вечера за светските лидери, Вучиќ седел покрај францускиот претседател Емануел Макрон.

