Регион
„Еден од пет милиони“ повторно протестираа во Белград
Вечерва се одржаа нови шести по ред антивладини протести на „Еден од пет милиони“ во Србија, каде демонстрантите побараа да се истражи смртта на убиениот лидер на СДП, Оливер Ивановиќ, по што продолжија пред зградата на Радио Телевизија Србија и побараа оставки од надлежните во јавниот сервис.
Демонстрантите ги повикаа граѓаните да дојдат на мирен собир на 16 јанури на платото пред Филозофскиот факултет, за да одадат почит на убиениот Ивановиќ по повод годишнината од смртта, за кој порачаа дека бил еден од нив и случајот со неговото убиство на Косово мора да биде решен.
Тие носеа транспаренти со натписи „Нѐ има пет милиони“, „Ние сме со народот, не со сегашните или поранешните крадци“ и „Разбуди се Србијо“, пренесе новинската агенција „Бета“.

Учесниците на „Еден од пет милиони“ на денешните протести застанаа пред зградата на Радио Телевизија Србија, каде од директорот на јавниот сервис, Драган Бујошевиќ и главниот уредник на информативната програма, Ненад Стефановиќ,побараа да поднесат оставка, бидејќи ја срамотеле новинарската професија.
Пуштена беше најавна шпица од дневникот. На платото пред зградата на РТС запалени беа бакли, а изваден беше и транспарент со натпис „започна“, пренесе новинската агенција.

Организаторите на протестите му порачаа на Бујошевиќ дека е одговорен за граѓаните и јавниот интерес, а не за политичарите на власт, додека на Стефановиќ му испратија порака да престане да ги третира лагите на претседателот, Александар Вучиќ како факти.
„Ќе останете запишани во историјата како одговорни за пропастот на новинарската професија“, рекоа организаторите.

По паузата, продолжи маршот по улицата Кнез Милош, каде собраните застанаа пред седиштето на телевизијата „Студио Б“, скандирајќи „Барбара јави се“. Од разглас ја пуштаа музичката обработка на прилогот на новинарката, Барбара Животиќ насловена „Линч, силовање, насиље“, инспирирана од прилогот што јавноста го оцени како пристрасен и во полза на власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Борисов: Како Радев ќе се натпреварува со мене, врз основа на што?
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со градоначалници од партијата во Стара Загора упати критики кон поранешниот бугарски претседател Румен Радев, доведувајќи го во прашање неговото политичко позиционирање.
„Ние сме научени да бидеме скромни, но да бидеш скромен не значи да немаш самодоверба. Кој во оваа држава направил помалку од нас? Како ќе излезе Радев да се натпреварува со мене, врз основа на што?“, праша реторички Борисов.
Осврнувајќи се на новогодишното обраќање на претседателот, тој додаде: „На Нова година со задржан здив го слушавме говорот на претседателот. Кога рече олигархија – нека каже која е. Јас тврдам дека во ГЕРБ нема таква“.
Регион
(Видео) Вториот најголем вид ајкула снимен во близина на хрватски остров
Интересно суштество беше видено минатата недела во морето во близина на Црес, Хрватска.
Вработените во Институтот „Син свет“ добија видео врз основа на кое заклучија, иако не е најјасно, дека најверојатно станува збор за голема ајкула (Cetorhinus maximus). До овој заклучок дојдоа врз основа на карактеристичниот облик на нејзината грбна перка.
Големата ајкула е вид кој е редок, но постојано присутен по должината на источниот јадрански брег.
Повеќето видувања на ова животно доаѓаат од северниот Јадрански дел, вклучувајќи го и Кварнерскиот залив, кој е добро познат како област на Јадранскиот дел со најголема биомаса на зоопланктон, истакнува Институтот.
Тоа е втор најголем вид ајкула во светот, веднаш по кит-ајкулата, и може да достигне должина од повеќе од десет метри.
Тоа е миграторен вид кој се храни со планктон со филтрирање на морето со широко отворена уста и не е опасен за луѓето.
„Со учество во собирањето податоци од страна на јавноста, добиваме вредни информации што им помагаат на научниците во истражувањето и заштитата на морето. Секоја фотографија, секој совет и секој запис во апликацијата придонесува за подобро разбирање и зачувување на нашиот морски екосистем“, рекоа тие.
Регион
(Фото) Загина планинар во Црна Гора
Црногорски планинар загина на планината Хајла. Неговото тело беше пронајдено вчера на црногорската страна од планината, откако беше пријавен за исчезнат во саботата. Спасувачи од Косово и Црна Гора учествуваа во потрагата, а беа известени од хрватски планинари, соопшти Косовската планинска служба за спасување.
Косовската планинска служба за спасување доби повик од косовската полиција во саботата, 21 февруари, за несреќа што се случила на врвот Хајла, на надморска височина од 2.407 метри. Според првичните информации, SOS пораката ја испратила група хрватски планинари. Тие пријавиле дека црногорскиот планинар се лизнал и паднал во клисура на северната падина од врвот и дека изгубиле секаков контакт со него.
Временските услови во областа биле исклучително тешки, што значително ја комплицирало операцијата за пребарување и спасување. Веднаш по приемот на повикот, Косовската планинска служба распоредила тим планински спасувачи и започнала со координирање на операцијата со колегите од Планинската служба за спасување на Црна Гора. Со оглед на географската локација на местото на несреќата и итноста на ситуацијата, започна прекугранична операција.
Екипите, во тесна соработка со црногорските власти и локалните планинари од Рожаје, ја започнаа операцијата во доцните вечерни часови.
Сепак, поради тешките временски услови и слабата видливост, потрагата беше прекината од безбедносни причини и беше одлучено да продолжи во утринските часови.
Во недела, 22 февруари, за време на обемна потрага што се одвиваше во два правци, беше пронајдено безживотното тело на планинарот Ц.Ф..
Телото беше лоцирано на локација позната како „Јама“, на северните падини на Хајла, на територијата на Црна Гора. По завршувањето на процедурите, телото беше транспортирано и предадено на надлежните институции.

