Регион
Еди Рама: Српските компании се добредојдени во Албанија, но не и „Телеком“
Српските компании се добредојдени во Албанија, но не и во стратешкиот сектор, како што се телекомуникациите, рече денеска албанскиот премиер Еди Рама, објаснувајќи зошто
Тирана ја отфрли понудата на Србија за купување на „Телеком Албанија“.
– Ставот на албанската влада е многу едноставен и јасен: српските компании се добредојдени во Република Албанија, но тоа не е наш избор во овој стратешки сектор – рече Рама на прес-конференцијата по седницата на владата, пренесува приштинскиот портал „Коха“ повикувајќи се на албанските медиуми.
„Телеком Србија“ покажа интерес за купување на „Телеком Албанија“, кој беше понуден од „Дојче телеком“ за продажба.
Понудата на „Телеком Србија“ изнесуваше 60 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.
Регион
Јотова почна консултации со парламентарните партии за избор на привремен премиер во Бугарија
Пред да објави кого ќе назначи за вршител на должноста премиер, претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе разговара одделно со пратеничките групи во 51. состав на Националното собрание.
Консултациите започнуваат денес со првите две најголеми формации. Во 11 часот е состанок со претставници на ГЕРБ-СДФ. Во 13:30 часот, во „Дондуков“ 2, поканета е втората најголема парламентарна група „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“.
Претседателот минатата недела разговараше одделно со 10 можни кандидати за вршител на должноста премиер. Петмина потврдија дека се подготвени да предводат привремена влада: заменик-гувернерот на Бугарската народна банка Андреј Ѓуров, заменик-омбудсманот Марија Филипова, претседателот на Сметковната комора Димитар Главчев и неговите заменик-претседателки Маргарита Николова и Силвија Кадрева.
„Оние кои рекоа да, разговаравме за нив. Од моја страна беа поставени прашања – како планираат да ги надминат сите проблеми за да нема повеќе откажани избори“, рече Јотова, пренесе Факти.бг“.
Пред да ја објави својата одлука за тоа кого ќе назначи да формира привремен кабинет, таа ќе одржи и консултации со пратеничките групи:
„Изборот на следниот привремен премиер е избор на Народното собрание. Тие гласаа за овие измени на Уставот. За мене, разговорот со пратеничките групи исто така ќе биде исклучително важен“.
Разговорите започнуваат со најголемата парламентарна група. ГЕРБ-СДФ изрази надеж дека привремениот кабинет ќе биде неутрален. Деница Сачева, заменик-претседателката на пратеничката група ГЕРБ-СДФ:
„Се надевам дека г-ѓа Јотова ќе создаде апсолутно неутрална архитектура за привремената влада. ГЕРБ нема да дава никакви совети, ниту за тоа кој ќе биде привремен премиер, ниту за тоа кој ќе биде привремен министер“.
Втората средба на „Дондуков“ 2 денес е со „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“. На консултациите, тие ќе побараат од идниот привремен министер за правда да предложи нов вршител на должноста генерален обвинител. Божидар Божанов, заменик-претседател на пратеничката група на ПП-ДБ:
„Од имињата на маса, единствениот што не е поврзан со Пеевски е г-дин Ѓуров“.
Од „Вазраждане“, кои одбија да учествуваат во консултациите со претседателот, посочија кој, според нив, е погоден за привремен премиер. Петар Петров, заменик-претседател на пратеничката група „Вазраждане“: „Андреј Ѓуров е најприфатлив“.
Во наредните денови се очекуваат и средби со другите пратенички групи. По консултациите, Илијана Јотова ќе објави кого ќе назначи да формира привремена влада.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.

