Регион
Екс-ју земја забрани трубачи до крајот на декември: „Балканската музика нема врска со нас“
Градскиот совет на Љубљана изгласа забрана за спонтани улични настапи со музички инструменти, а одлуката ќе важи до крајот на декември. Предлогот дојде директно од градоначалникот Зоран Јанковиќ и стапува на сила веднаш, со што од улиците на словенечката престолнина се отстрануваат популарните „трубачи“, пишува 24ur.com.
Целата расправа беше покрената со прашање од градската советничка од СДС, Маруша Бабник. Таа предупреди дека Љубљана, за разлика од други европски градови кои со гордост ја истакнуваат својата култура, за време на празниците недоволно ја негува сопствената традиција, пренесе „Телеграф“.
„Градската општина Љубљана во празничниот период дозволува фаворизирање на балканската музика, ‘трубачите’, кои со Љубљана, словенечкиот културен идентитет и божиќната традиција немаат никаква врска“, изјави Бабник, сметајќи дека градот се срами од сопствената култура.
Од друга страна, заменичката директорка на Туризам Љубљана, Ана Лампич, ја бранеше градската програма. Таа истакна дека таа вклучува бројни содржини од словенечката традиција.
„Посетителите ја доживуваат Љубљана како отворена, жива и културно богата европска престолнина. Уличните музичари, меѓу кои спаѓаат и трубачите, не се дел од официјалната декемвриска програма“, нагласи Лампич.
По расправата, градоначалникот Јанковиќ реши да пресече. Тој предложи одлука за забрана на спонтани улични настапи и веднаш покрена гласање, што предизвика конфузија меѓу советниците.
„Сега ќе имаме гласање за да се забранат трубачите, за да биде јасно“, порача тој.
На барање на советниците, гласањето беше повторено, а одлуката на крајот беше донесена со 25 гласа „за“ и шест „против“.
„Тоа не значи дека ќе можат на едниот крај два часа, па потоа на другиот. Сега веќе не смеат да настапуваат“, појасни Јанковиќ, додавајќи дека градскиот инспекторат веќе изрекол казни на некои музичари.
Одлуката не помина без критики. Градскиот советник, Денис Стриковиќ, оцени дека гласањето е неважечко, бидејќи ваква забрана може да се воведе само со измена на постојната одлука, а не со ваков заклучок. Целата постапка ја нарече нетолеранција кон трубачите.
Јанковиќ ги отфрли приговорите, објаснувајќи дека не станува збор за измена на одлуката за посебна употреба на јавните површини, туку за заклучок кој е во согласност со неа и кој постојната одлука го овозможува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

