Регион
Запален штаб, солзавец, шок бомби – масовни протести во Србија

Синоќа имаше смасовни протести во повеќе градови низ Србија, меѓу кои Белград, Ваљево, Милановац, Книќ и Нови Сад.
Пред седиштето на Српската напредна партија (СНС) во Ваљево демонстранти со качулки и покриени лица фрлаа пиротехнички средства, по што избувна пожар во дел од просториите. Огнот беше изгаснат со интервенција на противпожарните екипи и демонстранти. Искршен е влезот на Општина Ваљево, а полицијата употреби солзавец.
Во Милановац неколку стотици граѓани фрлаа тоалетна хартија кон просториите на СНС, додека во Нови Сад беа искршени прозорци со шишиња и други предмети. Во Нов Белград полицијата употреби солзавец и шок бомби, а демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на СНС.
Протестите следат по повеќемесечните студентски блокади, а сега целта е промена на власта. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека нема да има предвремени избори и ги нарече протестите управувани однадвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Успеавме да ги одложиме санкциите на САД врз српската нафтена индустрија

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека САД го одложиле воведувањето санкции против Нафтената индустрија на Србија (НИС) за осум дена со цел, како што рече, „за да покажат почит кон Србија“.
„Им благодарам, сакаа да покажат почит, да ни кажат дека нè слушаат и ја разбираат нашата позиција. Благодарам за тоа, но дали добивме нешто суштинско? За седум дена, ќе го имаме истото прашање, а јас сè уште нема да го имам одговорот“, рече Вучиќ во Обреновац, каде што учествуваше на граѓанскиот марш против блокадите.
Тој додаде дека ќе има реакција од Србија и од самата НИС и кон американската страна и кон другите партнери кога станува збор за нови понуди.
„Верувам дека ова е добро, но дали ќе биде доволно и дали ова е она што го сакаат Американците – ќе видиме“, рече Вучиќ.
Санкциите на САД против НИС требаше да стапат во сила на 1 октомври, но рокот сега е одложен барем до 9 октомври.
фото: принтскрин
Регион
Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи

Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи, која во периодот јануари – август ја посетиле околу девет милиони.
Албанскиот Институт за статистика објави податоци што потврдуваат дека влезот на странски државјани е за 5,2 отсто поголем ако се спореди со истиот период пред една година, кога беа регистрирани вкупно 8,5 милиони странски државјани.
Само во август бројот на странски државјани кои влегле на албанска територија е 2,3 милиони, што е зголемување од 9,9 отсто, во споредба со истиот месец минатата година.
Албанската економија имаше корист од странските туристи од 2,1 милијарди евра за само шест месеци, до кога ја посетиле 4,76 милиони странци. Овие бројки потврдуваат дека 2025 година ќе биде уште пооптимистичка во однос на туризмот во земјата, додека приходите се очекува да се зголемат за околу 7,7 отсто во споредба со лани.
Се очекува приливот на туристи да продолжи и есенва, со што ќе се продолжи туристичката сезона во земјата. Туроператорите известуваат дека резервациите се високи и за септември и за октомври.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната година. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи.
Регион
Жена убиена на свадба во центарот на Шибеник, ја погодила ракета

Жена е повредена кога пиротехничко средство – сигнална ракета – било испукано во близина на катедралата „Свети Јаков“ во Шибеник синоќа, и починала од повредите во болница, соопшти хрватската полиција.
Во соопштението од полициската управа Шибеник-Книн се додава дека е уапсен 52-годишен маж, пренесува Хина. Во тек е кривична истрага, соопшти полицијата.
Хрватските медиуми неофицијално известуваат дека несреќата се случила за време на свадбена прослава, кога осомничениот испукал ракета.