Регион
Почна генералниот штрајк во Грција

Во Грција бродовите останаа во пристаништата, а градскиот превоз и возовите се движеа по намален редослед заради денешниот прв генерален штрајк организиран во оваа земја од изборот на новата конзервативна влада во јули.
Новата влада на премиерот Кирјакос Мицотакис вети дека ќе ги забрза инвестициите и ќе го зајакне растот во земјата каде што економското производство падна за една четвртина за време на долгогодишната финансиска криза, потсетува „Ројтерс“.
Штрајкот, како што наведуваат од грчките синдикати, е одговор на планот на грчката влада да донесе закон во кој се содржани измени во законот за синдикатите, за колективните договори и здравственото осигурување и истовремено се бара зголемување на платите и пензиите, трајно вработување и стопирана приватизација.
Синдикатите кои повикуваат на штрајк велат дека промените што администрацијата се обидува да ги наметне ќе го оневозможат правото на штрајк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Министерството за одбрана во Србија уапсени три лица за јавна набавка во ВМА

По наредба на Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата, Воената полиција во Србија денеска уапси три лица под сомнение дека сториле различни кривични дела во врска со јавна набавка на медицинска опрема за ВМА, пренесуваат тамошните медиуми.
Сомненијата се дека на овој начин прибавиле финансиска корист на фирма од Белград од околу 100.000 евра.
Уапсен е раководителот на Одделот за квалитетен менаџмент, планирање и анализа на ВМА, М.С. (49), воен офицер на Секторот за здравство на Министерството за одбрана М.С. (51) и сопственик на две трговски друштва од Белград, М.Ш, соопшти обвинителството.
Осомничените се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба, а М.С. (51) и кривичното дело примање поткуп.
Осомничениот М.Ш. се товари за кривичните дела злоупотреба на положбата одговорно лице, поткуп и злоупотреба во врска со јавните набавки.
Се сомнева дека М.С. (49) како раководител на Одделот за управување со квалитет, план и анализа на ВМА и М.Ш. (51) како референт за јавни набавки на Управата за здравство, од октомври 2023 година до април 2024 година, користејќи ја својата службена положба и овластување и со пречекорување на границата на службените овластувања, прибавиле финансиска корист за фирма од Белград и нејзиниот сопственик во износ од 11.754.120 динари.
На осомничените, според написите им е одреден притвор до 48 часа, а за тоа време ќе бидат спроведени на распит.
Српските медиуми потсетуваат дека пред десетина дена беше уапсен шефот на токсикологија Ј.С.Ј. поради сомнение дека со искористување на службената положба прибавила материјална корист за себе и за другите во износ од повеќе од три милиони динари.
Регион
Џулијани: Пресудата против Додик е политички прогон, напад на човековите права и слободата на говорот

Рудолф Џулијани, поранешен градоначалник на Њујорк, адвокат и пријател на Доналд Трамп, рече дека е јасно оти првостепената пресуда на Судот на Босна и Херцеговина изречена против претседателот на Република Српска е политички прогон.
„Кога ќе ја видите пресудата против Додик, која имав можност да ја прочитам, иако не толку детаљно како што би сакал бидејќи немав толку време, јасно е дека тоа е дел од политичкиот прогон што го спроведуваат демократите, Бајден и левичарите, кои се наклонети кон комунизмот, луѓе што не ја почитуваат слободата на говорот и постојано го газат, а во исто време ги обвинуваат своите противници дека се неонацисти и фашисти.
А всушност токму тие прават фашистички и неонацистички работи“, рече Џулијани, кој во моментот на пресудата на Судот на БиХ против претседателот Додик беше во Република Српска. Како што додава тој, овој случај се однесува на различното толкување на Додик на договорот со кој се регулира позицијата на Република Српска.
Џулијани жестоко го нападна и Стејт департментот поради пресудата против претседателот на Српска. „И тогаш, помалку од 24 часа по пресудата, американскиот Стејт департмент ја поддржа. Не го ни прочитаа како што треба, па ја изразија својата поддршка за Дејтонскиот договор. Ова е класичен пример за тоа што не е во ред со нашата надворешна политика и Стејт департментот со години“, рече Џулијани.
Тој потсети и дека Додик многупати им понудил соработка на сараевските политичари. „Тој често бил подготвен да соработува со Сараево, повеќе од некои други српски лидери, кои се посилни поборници за независност или обединување со Србија. Затоа што Србите се Срби, нели?
Но, наместо да им ја дадат својата земја, идеолозите на Клинтон, кои владеат со Америка и Западна Европа, решија да направат проблеми. Наместо да се поделат, тие ставија голем број Срби под контрола на муслиманската влада во ситуација кога дури и процентот на муслимани како мнозинство е сомнителен“, јасен е Џулијани, пренесува „Танјуг“.
Џулијани додава дека пресудата е напад на човековите права и слободата на говорот. „Ова е уште еден пример за напад врз слободата на говорот и основните човекови права, а Стејт департментот не само што е на погрешна страна, туку може да се смета и за креатор на Босна и Херцеговина, која подоцна стана рај за исламските екстремисти, кои убиваа Американци“, рече Џулијани, пренесе РТРС.
Регион
Oсуммина уапсени во Брчко поради трговија со деца: вклучен и Европол

Полицијата на округот Брчко на БиХ уапси осум лица под сомнение дека сториле кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање или злоупотреба на дете кога вчера во куќа во тој град на крајниот североисточен дел на Босна и Херцеговина беа пронајдени 31 дете на возраст под 12 години.
Портпаролката на окружната полиција, Џевида Хукичевиќ, за новинарите изјави дека истрагата е сложена и вклучува неколку линии на дејствување.
„Во врска со ова, под надзор на односниот обвинител, полициските службеници на окружната полиција им даваат приоритет на сите потребни доказни дејства, при што беше постигната соработка со Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), МУП (на субјектот на БиХ) на Република Српска и МУП на Херцеговина, како и со меѓународната соработка со Европол“, вели таа.
Во меѓувреме, децата се пренесени на безбедно место.
Според медиумите, уапсени се судскиот полицаец и мајка му, како и една жена со италијанско државјанство. Хрватската полиција соопшти дека меѓу пронајдените деца во Брчко шест имале хрватски документи.
Со прелиминарните идентификациски проверки утврдиле дека овие деца не се пријавени за исчезнати во Хрватска. Иако документите што ги придружуваат децата се во согласност со хрватските закони, полицијата ќе преземе дополнителни проверки на автентичноста на документите и идентитетот.
Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина ги повика надлежните органи итно да почнат темелна истрага и да ги гонат одговорните.
„Истовремено, неопходно е да се обезбедат сеопфатна заштита и поддршка на жртвит имајќи го предвид фактот дека се малолетни. Силен одговор од надлежните институции е предуслов за спречување криминални дела од овој тип, но и за заштита на најранливите членови на општеството и зачувување на владеењето на правото“, се наведува во соопштението за печатот на Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина.