Регион
Италија: Голема акција против шверц на дрога, се бараат 117 Албанци
Италијанското обвинителство заврши со прелиминарната истрага против голема мрежа на шверцери на дрога од дури десет држави, а осомничени се вкупно 237 лица.
Меѓу нив има 117 Албанци.
За време на т.н. „Операција Крабурун“, италијанската полиција открила како функционира мрежа на шверцери на кокаин, хероин и марихуана, кои дрога во Италија доставувале од Албанија, Турција, Холандија, Шпанија, Белгија, Македонија, Хрватска, Франција и Германија.
Лидерите на оваа организација, според италијанските власти, се Франческо Абрузезе, Масимо Албанезе и Албанците Едмонд и Алфред Беќири, Ндуе Сокољи и Арбен Вељико.
Сите 237 наводни шверцери на дрога се осомничени и за производство на супстанци, кои пред продажбата ги мешале со хероин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Курти: Единствено решение се нови избори
Косовскиот премиер Албин Курти, изјави дека нема друга опција освен одржување нови парламентарни избори, откако неговиот предлог за нова влада не го доби потребното мнозинство во парламентот.
Неговиот предлог бил поддржан од 56 пратеници, а биле потребни најмалку 61.
„Пред секој договор што ја искривува волјата на граѓаните, ние избираме избори. Земјата нема друг пат ниту начин освен нови избори“, изјави Курти.
Тој рече дека Демократскиот сојуз на Косово (ДСK) и Социјалдемократската иницијатива (НИСМА) одбиле да бидат дел од владата што тој ја предлага, и додаде дека тоа ја оневозможило и изборната соработка за изборот на нов претседател на Косово во март идната година.
Регион
Рама: Министерката создадена со вештачка интелигенција „ќе роди“ 83 дигитални помошници за парламентот
Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека нивната министерка создадена со помош на вештачка интелигенција, Диела, ќе „роди“ 83 дигитални помошници кои ќе работат како виртуелни асистенти на пратениците од Социјалистичката партија.
Според Рама, тие асистенти ќе ја подобрат ефикасноста и транспарентноста на парламентот, водејќи евиденција за седниците, подготвувајќи анализи и предлагајќи политики засновани на податоци.
Диела, која беше именувана во мај 2025 година, е првата виртуелна министерка во светот создадена со помош на вештачка интелигенција. Нејзината задача е да ја следи законитоста и транспарентноста на државните тендери и да спречи корупција, со користење алгоритми што одлучуваат без човечко влијание.
Рама ја опиша иницијативата како чекор кон „целосно транспарентна и безкорупциска“ администрација, а метафората за „трудна министерка“ симболично го претставува ширењето на вештачката интелигенција во повеќе сектори на управувањето во Тирана.
Регион
Двајца Хрвати и еден Србин со „бмв“ бегаа од полицијата во Германија и загинаа во несреќа
По тешката сообраќајна несреќа со три смртни случаи во близина на Брауншвајг, идентификувана е третата жртва.
Полицијата претпоставува дека станува збор за возачот на автомобилот кој во саботата, бегајќи од полицијата, паднал од мостот во каналот Мителанд. Сите тројца мртви од автомобилот сега се идентификувани, пишува РТЛ.де, пренесе Индекс.
Сè започна во сабота напладне кога возачот на БМВ со регистарски таблички од Минхен на автопатот А2 го игнорираше полицискиот знак за стоп и избега со голема брзина. Полициските патроли набрзо го изгубија возилото од вид, но десет минути подоцна добија неколку итни повици за сериозна несреќа.
Според првата реконструкција на настанот, истражителите веруваат дека бегалецот возел пребрзо по тесниот федерален пат Б4, престигнувајќи неколку автомобили од десната страна. Потоа возилото удрило во заштитна ограда, отскокнало во спротивна насока и се судрило челно со автомобил што доаѓал од спротивната страна. Поради силата на ударот, БМВ-то во бегство ја пробило оградата на мостот и паднало во Средногерманскиот канал.
Полицијата денес го потврди идентитетот на третата жртва.
„Се работи за 34-годишен државјанин на Србија“, изјави портпаролот на полицијата. Се верува дека тој го управувал возилото. Неговите сопатници, чиј идентитет беше утврден претходно, биле 25-годишен и 31-годишен од Хрватска.
Во второто возило биле 47-годишна жена и 53-годишен маж од Хамбург. Жената е тешко повредена, но нејзиниот живот е надвор од опасност, додека мажот е префрлен со хеликоптер во болница и неговата состојба е сè уште критична.
Автомобилот што ја предизвика несреќата беше извлечен од каналот во текот на викендот и запленет за судско вештачење. Понатамошниот тек на истрагата ќе зависи од наодите на вештакот, а случајот веројатно ќе биде предаден на канцеларијата на државниот обвинител, кој ќе одлучи за обдукција. Точниот тек на несреќата, како и причината зошто возачот бегал од полицијата, засега не се познати.

