Регион
„Катимерини“: Тензично по убиството на Кацифас во Албанија
Убиството на 35-годишниот Грк Константинос Кацифас, кој во понеделникот беше убиен во Албанија, под сè уште неразјаснети околности, фрли сенка на односите меѓу Тирана и Атина, оценува грчкиот весник „Катимерини”.
По овој инцидент во селото Буларат, во близина на границата со Грција, официјалната Атина на албанскиот амбасадор во Грција му упати протесна нота, пишува весникот.
Грчките медиуми ја обвинија албанската полиција за „ладнокрвно убиство”, а непознати маскирани лица утрово фрлаа молотови коктели кон канцеларијата на една албанска туристичка организација во Атина.
Сепак, Тирана ги отфрла обвиненијата наведувајќи дека Кацифас без причина пукал кон полициските службеници.
Инцидентот се случи додека албанското село Буларат, каде што претежно живеат Грци, ја одбележуваше годишнината од влезот на Грција во Втората светска војна на 28 октомври 1940 година.
Албанските медиуми објавија дека Кацифас пукал од „калашников” кон албански полицајци кои го симнувале грчкото знамето, додека претставниците на грчките организации во Албанија сметаат дека „полицијата можела да го уапси, а не да го убие”.
Албанските медиуми објавија дека Кацифас бил член на десничарската партија „Златна зора”.
Тој е роден и израснат во Буларат, село што се наоѓа во Албанија на шест километри од границата со Грција, а неодамна извесен период живееше и во Атина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

