Регион
Македонски автобус полн со патници за малку ќе паднеше во Морава заедно со мостот што се урна

Само 20 минути пред надојдената Западна Морава да го урне мостот што ги поврзува чачанските села Мрчајевци и Слатина, сообраќајната полиција спречи автобус со македонски регистарски таблички полн со патници, кој и покрај тоа што сообраќајот беше во прекин со одлуката од 7 ноември, 2022, да го помине мостот.
Не е познато зошто македонскиот автобус возел по тој пат, но можно е возачот да следел лоши навигациски мапи, кои одамна не се ажурирани, или пак некој го упатил таму велејќи им дека мостот во Адрани е веќе урнат. Но, ако автобусот се појавел на и онака небезбедниот мост меѓу Мрчајевци и Слатина во моментот кога поројот во голема мера ги уништи столбовите на мостот – можело да се случи огромна трагедија!
Благодарение на професионалноста на српските сообраќајни службеници кои вредно ја извршуваат својата работа, спасени се животи.
Мостот на Западна Морава рано утринава беше целосно уништен од бран на надојдената река поради обилните врнежи од дожд кои го зафатија Чачак и неговата околина. Во општина Чачак поплавите се смируваат, но и понатаму предизвикуваат големи проблеми. Припадниците на Цивилната заштита во текот на ноќта работеа на испумпување на водата од каналот за наводнување за да не се излее и да ја поплави населбата Кеј.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Запален штаб, солзавец, шок бомби – масовни протести во Србија

Синоќа имаше смасовни протести во повеќе градови низ Србија, меѓу кои Белград, Ваљево, Милановац, Книќ и Нови Сад.
Пред седиштето на Српската напредна партија (СНС) во Ваљево демонстранти со качулки и покриени лица фрлаа пиротехнички средства, по што избувна пожар во дел од просториите. Огнот беше изгаснат со интервенција на противпожарните екипи и демонстранти. Искршен е влезот на Општина Ваљево, а полицијата употреби солзавец.
Во Милановац неколку стотици граѓани фрлаа тоалетна хартија кон просториите на СНС, додека во Нови Сад беа искршени прозорци со шишиња и други предмети. Во Нов Белград полицијата употреби солзавец и шок бомби, а демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на СНС.
Протестите следат по повеќемесечните студентски блокади, а сега целта е промена на власта. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека нема да има предвремени избори и ги нарече протестите управувани однадвор.
Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Регион
Еди Рама вети бесплатни нови куќи за оние кои во пожарите ги загубија своите домови

По катастрофалните пожари кои деновиве зафатија делови од Албанија, уништувајќи домови и имоти, премиерот Еди Рама излезе со силно и директно ветување до сите настрадани граѓани. Во објава на социјалните мрежи, тој најави дека државата целосно ќе ги обесштети сите што претрпеле штета, вклучително и бесплатна обнова на секој уништен дом.
„Кој и да го изгубил својот дом, ќе го обновиме бесплатно, кој и да изгубил добиток, ќе го рефинансираме еден по еден“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Оваа мерка, како што појасни министерот за одбрана Пиро Венгу, ќе се спроведува преку општините. Ќе се формираат посебни комисии за проценка на штетите на куќи, инфраструктура, бизниси и земјоделски култури, по што ќе следува обештетување од општинските фондови за цивилна заштита, поддржани од државниот буџет.