Регион
Маските на отворено од денеска се задолжителни во Бугарија при собир на повеќе лица

Од денес носењето заштитна маска на отворено станува задолжително во Бугарија, во случај на метеж и неможност за одржување физичка дистанца.
Клиентите во рестораните и кафулињата и спортистите на отворено ќе можат да седат без маска. Исклучокот важи и за учесниците на настани на конгреси и конференции за време на нивните говори, како и за водителите и гостите во ТВ-емисиите.
Децата до 6 години исто така можат да бидат без маски, пренесе БГНЕС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Србија испраќа нов авион за транспорт на уште 12 пациенти од пожарот во Македонија

На барање на Владата на Република Северна Македонија, денеска продолжува помошта и евакуацијата на повредените во пожарот во Кочани, соопшти српското министерството за одбрана.
„За целите на медицинска евакуација, уште еден авион на српската армија CASA C-295 со четворица лекари и четворица медицински техничари полета за Северна Македонија. Планирано е 12 пациенти да бидат евакуирани со авион. Потсетуваме дека синоќа 12 пациенти кои беа лекувани во Воено-медицинската академија и Клиничкиот центар на Србија, исто така, се превезени со воздухопловство на Србија“.
Покрај авионот, денеска во Северна Македонија беше испратено и амбулантно возило со медицински тим од Воената болница во Ниш за да ги превезе пациентите кои ќе бидат хоспитализирани во таа болница, пренесуваат тамошните медиуми.
Шест членови на Воено-медицинската академија останаа во Северна Македонија – двајца хирурзи, анестезиолог и двајца медицински техничари – инструментари за да им пружат помош на повредените.
Со авион на српската армија во неделата вечерта во Белград беа пренесени 12 пациенти.
По трагедијата во Кочани, 18 март во Србија е прогласен за Ден на жалост.
Регион
Ден на жалост во Црна Гора поради трагедијата во Кочани: „Толку несреќи на малиот Балкан за кратко време“

Во Црна Гора денеска е Ден на жалост по невидената трагедија во Македонија, кога во пожар во дискотека во Кочани загинаа најмалку 59 лица, а над 100 беа повредени. Знамињата на сите државни институции од утрово се спуштени на половина копје, а граѓаните во неверување по хоророт што се случи.
„Ова е наша братска земја, наша Македонија. Сите овие изгубени животи се огромна тага и огромна трагедија. Толку млади луѓе загинаа. Сето ова многу не погодува, толку многу несреќи на малиот Балкан, за кратко време“, вели за РИНА Ивана Б. од Подгорица.
Парламентот на Црна Гора изрази сочувство до семејствата на жртвите и граѓаните на Северна Македонија.
Сочувство изрази и премиерот Милојко Спајиќ кој изјави дека веста за трагичниот настан ја примил со голема тага.
„Владата на Црна Гора е подготвена да застане покрај пријателскиот народ на Северна Македонија на сите неопходни начини во ова тешко време. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Нашите мисли и молитви се со Северна Македонија“, рече Спајиќ.
Во Србија утре е прогласен ден на жалост по трагедијата во Македонија.
Регион
„Повредите им се тешки, изгорениците покриваат и до 28% од кожата“: се огласија лекарите од Ургентниот центар во Белград

Најмалку 59 лица загинаа во пожар што избувна ноќта меѓу саботата и неделата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Најмладата жртва имала само 14 години. Меѓу повредените има 150 лица, а 12 пациенти биле донесени во Белград во неделата вечерта со авион на војската на Србија, од кои некои се во Ургентниот центар во Белград.
„Девет пациенти се примени на Ургентниот центар, а тројца се на ВМА. Дијагностичките процедури беа започнати и завршени за пациентите веднаш по приемот. Станува збор за повреди од изгореници кои зафатиле помеѓу два и 28 проценти од површината на телото. Сите пациенти покажуваат симптоми и знаци на оштетување или контакт со токсични гасови произведени за време на пожарот, но некои имаат и изгореници на горните дишни органи и тие се класифицирани како сериозни повреди опасни по живот“, изјавија од Ургентниот центар во Белград, пренесе Танјуг.
„Засега немам дополнителни информации дали ќе дојдат уште пациенти, но ние сме подготвени за тоа. Тешко е да се зборува за прогнози за изгореници, но тоа ќе стане јасно во наредните денови. Нашите пациенти се млади, на возраст од 18 до 35 години, тие се рехабилитирани и нивниот третман продолжува бидејќи тоа е долготраен процес кој бара недели лекување. Еден пациент е на механичка вентилација и е најтешко повреден“, изјавија за медиумите од Ургентниот центар во Белград.