Регион
Мајка на момче кое пред година загина на железничката во Нови Сад најави штрајк со глад
Мајката на Стефан Хрка (27), кој пред една година загина во трагедијата при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, најави дека од утре ќе започне штрајк со глад.
На денешниот комеморативен собир во Нови Сад, Дијана Хрка им се обрати на присутните со емотивен говор, истакнувајќи дека не се откажува од борбата за правда и одговорност за загинатите.
„Ова е мојата борба што морам да ја доведам до крај. Благодарам на студентите што ме одржуваат во живот, на сите луѓе што се со мене. Денес Нови Сад плаче, но јас се борам за тоа никогаш повеќе ниту една мајка да не заплаче,“ изјави Хрка, пренесува Индекс.
Таа додаде дека ќе продолжи да се бори самостојно и дека ќе штрајкува со глад пред Градското собрание во Нови Сад.
„Сакам да знам кој го уби моето дете и кој уби 16 луѓе. Некој мора да одговара за ова,“ порача Хрка.
Трагедијата се случи пред една година, кога при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад загинаа 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син Стефан. Меѓу загинатите беше и четириесет и петгодишниот Македонец, Васко Саздовски, кој работел како професор во Институт за роботика во Нови Сад. Натстрешницата паднала додека тој чекал воз со кој требал да се врати во Македонија кадешто живеело неговото семејство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

