Регион
Метеоролозите најавуваат големи жештини на Балканот во текот на летото
Најпознатиот светски метеоролошки сервис AccuWeather објави летна прогноза за цела Европа. Според извештајот, Португалија, Шпанија и Италија ќе се соочат со жежок период со многу покачувања и падови на температурата во текот на целата сезона.
Секој топлотен бран во областа ќе трае една или две недели и ќе се карактеризира со рекордни температури, но тие треба да бидат прекинати со бавни бури што ќе доведат до пад на температурите и врнежи.
Јужниот дел на Европа го очекува рекордна жештина, со невреме. Слично како и минатото лето, градовите ширум Балканот годинава може да очекуваат повеќе денови со температури над 32 Целзиусови степени.
Во 2021 година, во Букурешт се забележани 35 дена со температури од или над 32 Целзиусови степени. Слично беше и со Атина, каде имало 67 дена со температура од најмалку 32 степена, што е значително над вообичаениот просек од 46 дена.
Метеоролозите на AccuWeather годинава предвидуваат дека температурите ќе надминат 32 степена меѓу 31 и 38 дена во Букурешт и меѓу 55 и 63 во Атина.
Топлите периоди ќе бидат придружени со суши, иако годинава се очекува да бидат поблаги од 2021 година.
Во втората половина на летото би требало да има повеќе грмежи отколку во првата. Сепак, тие веројатно нема да бидат доволно распространети за да стават крај на проблемите што ќе ги донесе периодот на суша.
AccuWeather наведува дека грмотевиците би можеле да бидат меч со две острици, во смисла дека до одреден степен ќе го ублажат периодот на суша, но дека ќе донесат сериозни временски катастрофи, вклучително и бури што може да ги оштетат посевите на пченица и пченка.
Летните горештини не треба да го погодат северниот дел на Европа колку јужниот дел, велат метеоролозите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Регион
Научник од Ровињ: Сите примероци од Јадранското Море што ги обработив имаа микропластика
Бројот на микропластични честички во Јадранското Море драматично се зголемува, понекогаш надминувајќи половина милион на квадратен километар. Научниците велат дека опасните хемикалии можат да влезат и во синџирот на исхрана преку него, објавува Dnevnik.hr.
Просечната концентрација на микропластика во Јадранското Море е околу 250.000 честички на км². Според мерењата на водите во Ровињ, бројот понекогаш достигнува 600.000.
„Досега, сите примероци што ги обработив имаа микропластика. Нема примерок што го обработив досега, а кој немал микропластика“, рече Виктор Стинга Перуско од Центарот за морски истражувања на IRB во Ровињ.
„Бројот постојано расте бидејќи имаме нов влез, додека се произведува пластика, можеме да бидеме сигурни дека оваа пластика ќе заврши во морето во одреден момент“, додаде тој.
Голем дел од влакната што се невидливи за окото доаѓаат и од домаќинствата. И со секое перење на машината за перење, додаваме уште малку. Влегува во организмите на рибите, а потоа и во нашите тела преку храната.
Влијанието врз здравјето, велат научниците, сè уште не е доволно истражено.
фото/Depositphotos

