Регион
Мигранти киднапираа Словенец и со неговиот автомобил избегаа во Италија

Словенечката полиција ја потврди приказната за киднапирањето на еден постар човек од селото Мали Нерајец во близина на Чрмомељ, во југозападниот дел на Словенија, кого го киднапирале мигранти и со неговиот автомобил побегнале во Италија, каде што беа уапсени.
Полицијата сè уште го испитува случајот, но според веста објавена од страна на словенечката телевизија, полицијата го потврди случајот и рече дека мигрантите што се вклучени во киднапирањето се уапсени во соработка со италијанските колеги.
Група од четири мигранти вчера киднапирале 79-годишен маж, кој го прскал лозјето, го врзале и го ставиле во багажникот на неговиот автомобил, а потоа го исфрлиле во шумата оддалечена 180 километри од Сежана, на другиот крај на земјата, и побегнале во Италија, според „Индекс.хр“.
Ќерката на киднапираниот човек за локалните медиуми изјави дека татко ѝ, кога таа зборувала со него пред да се случи инцидентот, ѝ рекол дека има гости, кои му се претставиле како археолози што сакаат да видат дали на лозјето има некои археолошки наоди. Подоцна таа видела дека низ селото поминал автомобилот на татко ѝ, но него не го видела.
„Со оглед на тоа дека подоцна во лозјето не го најдовме, ниту можевме да стапиме во контакт со него, кренавме тревога“, рече таа.
Човекот, конечно, му телефонирал на семејството околу 18 часот и рекол дека бил киднапиран и исфрлен од автомобил во шумата во близина на границата со Италија, па дошол до една куќа од која им се јавил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Србија под снег: делови од земјата затрупани, патиштата блокирани

Почетокот на октомври донесе вистински зимски услови во делови од Србија. На Копаоник паѓа снег од синоќа, а и други делови од земјата побелеа, вклучувајќи ги Ивањица и Голија, што предизвика први проблеми во сообраќајот, објавува Нова.рс. Денес ќе биде постудено од вчера, со повеќе дожд и снег.
Паднати дрвја и блокади на патиштата
На социјалните мрежи се појавија видеа кои сведочат за последиците од првиот снег во сезоната. Во близина на Ивањица, дрвја паднаа на патиштата под тежината на снегот, блокирајќи го сообраќајот. Видео објавено на Инстаграм ги прикажува граѓаните како сами отстрануваат паднато дрво за да го расчистат патот.
Поради зимските услови на патот, на возачите им се препорачува да бидат исклучително внимателни и да ги одложат непотребните патувања.
фото: принтскрин
Регион
Генерален штрајк во Грција по најавата за работа од 13 часа на ден

Животот во Грција денес ќе застане поради генерален штрајк против плановите на конзервативната влада за воведување можност за 13-часовен работен ден. Транспортот во Атина, возовите и фериботите ќе бидат во прекин, а ќе учествуваат и наставници, болнички работници и државни службеници.
Протести се најавени околу пладне во целата земја против реформата што ја заговара конзервативната влада на Киријакос Мицотакис.
Главниот синдикат на приватниот сектор GSEE, кој го предводи штрајкот заедно со синдикатот на јавниот сектор ADEDY, објави дека реформата „ги загрозува здравјето и безбедноста на работниците и ја уништува рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот“.
Прокомунистичкиот синдикат ПАМЕ ја обвини владата дека се обидува да воведе модерно ропство за работниците и да ги принуди да трпат нехумано работно време и мизерни плати.
Синдикатот исто така го отфрли она што го нарече сурова дерегулација, што бргу напредува во Грција од должничката криза во 2009 година.
Најавениот закон би овозможил работа од 13 часа на ден за истиот работодавец во вонредни околности и со дополнителни прекувремени часови.
Во земја во која економијата закрепна од должничката криза, но сè уште е кревка, оваа можност веќе постои, но само ако работникот има два или повеќе работодавци.
Мицотакис, кој е на власт од 2019 година, истакна дека многу млади луѓе во моментот работат две работни места и сакаат да работат повеќе за да заработат повеќе.
Министерката за труд Ники Керамеус нагласи дека мерката е исклучителна и нема да стане вообичаена. „Тоа е одредба што важи до 37 дена во годината, само со согласност на работниците и со зголемување на платите од 40 проценти“, изјави таа за „Мега ТВ“ оваа недела.
И покрај намалувањето на невработеноста и континуираниот раст на БДП, кој според Европската комисија минатата година изнесувал 2,3 процента, ниските плати остануваат главен извор на загриженост и еден од главните проблеми за Грците заедно со високите трошоци за живот.
Минималната плата, иако е зголемена, е 880 евра месечно.
Според Евростат, Грците работат просечно 39,8 часа неделно во споредба со просекот на Европската Унија од 35,8 часа.
Во туристичкиот сектор, во текот на шпицот на сезоната, келнерите и готвачите работат многу часови, понекогаш без слободен ден во неделата. Законскиот работен ден во Грција трае осум часа, со можност за платена прекувремена работа.
Грција веќе ја воведе опцијата за шестдневна работна недела, особено во време на голема побарувачка во одредени сектори, како што е туризмот.
Регион
Пукањето во Белград на само 300 метри од куќата на Мирослав Илиќ, пејачот се огласи: „Боже господе, што се случува“

Во пукањето во Вишњичка бања се повредени пет лица, меѓу нив и една жена за чијшто живот се борат лекарите.
Според неофицијални информации, на пукањето му претходела тепачка, а сè се случило на нешто повеќе од 300 метри од куќата на познатиот пејач на народна музика, Мирослав Илиќ, пишува „Блиц“.
Илиќ по повод настанот се огласи за домашните медиуми.
„Живеам во мирна улица, во мирен крај. Чувај Боже што се случува. Не сум гледал вести и не сакам да знам“, изјави Мирослав за Телеграф.
Иако првичните информации укажуваа дека една жена починала, докторите во Ургентниот центар успеале да ја оживеат.
Неофицијално, повеќе вооружени лица излегле од бело комбе и почнале да пукаат. Овие информации засега не се официјално потврдени, а во тек е полициска потера по напаѓачите.
Очевидци опишале дека од белото комбе излегле неколку лица и почнале да пукаат насекаде.