Регион
Министерска конференција на земјите од регионот за климатските промени
Климатските промени станаа прашање на национална безбедност и опстанок за многу земји, како што ја зголемуваат ранливоста на природните ресурси преку зголемената зачестеност и сериозност на екстремните временски настани.
Климатските промени, исто така, влијаат на производството на храна и вредносните синџири и предизвикуваат значителни штети и загуби во земјоделското производство, одгледувањето добиток, риболовот и шумарството.
Целта на дводневната конференција во Тирана, која почнува денеска, е да ги собере претставниците од Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, да разговараат за националните приоритети за климатска акција. Учесниците ќе ги дефинираат можностите за усвојување заеднички план за климатска акција за Западен Балкан, што би требало да послужи како основа за развој на регионални проекти и програми.
Голем број напори се вклучени во справувањето со климатските промени во земјите од Западен Балкан, вклучително воведување на климатските промени во националното планирање, јакнење на институционалната координација и знаење за развој на политики за климатски промени и спроведување соодветни активности, решавање на недостатоците во податоци и подобрување на методологиите за проценка на влијанијата врз земјоделството и сродни сектори, собирање точни и ажурирани информации и воспоставување и ажурирање на базите на податоци за емисиите на стакленички гасови.
Земјите од Западен Балкан се обврзаа да обезбедат ефективна имплементација на Парискиот договор и Агендата 2030 за одржлив развој, а достапноста на финансиски ресурси за финансирање на итни мерки за ублажување на и прилагодување кон климатските промени е од голема важност за овие напори. За таа цел, ФАО им помага на земјите во пристапот до финансиски извори за животна средина и климатски промени, како Зелениот климатски фонд и Глобалниот фонд за животна средина.
„Економскиот раст на земјите од Западен Балкан зависи од природни ресурси чувствителни на климатските промени, што доведува до високи трошоци за ублажување и адаптацијата кон климатските промени”, истакна Владимир Рахманин, помошник-генерален директор на ФАО и регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија.
„Силно јавно чувство за одржливоста на животната средина и климата се појавува во сите делови на светот, но распределбата на финансиската поддршка е нееднаква, а земјите од Западен Балкан имаат потреба од зголемени финансиски ресурси за да можат да се соочат со климатските предизвици“, додаде тој.
Настанот, исто така има за цел да им помогне на земјите од регионот да ги споделат своите искуства, фокусирајќи се на можностите за меѓусебно надополнување на напорите за ублажување на климатските промени и за намалување на сиромаштијата. Ќе се разговара и до кое ниво се напорите на земјите за спроведување на националните придонеси кон климатските промени (NDC).
ФАО и Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) соработуваат за да развијат детален прирачник за поддршка на напорите на земјите во Европа и регионот на Централна Азија за подобро разбирање на можностите и барањата за пристап до климатски финансии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Избрана е новата Влада на Србија
Собранието на Србија со 152 гласа ја изгласа новата Влада на премиерот Милош Вучевиќ. Два дена траеше расправата за составот на Владата и нејзиниот план за работа, при што опозицијата го оспори кредибилитетот на Вучевиќ, посочувајќи дека, како и досега, за секоја одлука ќе биде прашан претседателот на државата Александар Вучиќ.
Новата Влада на Србија брои 31 член, од кои една третина се нови имиња во споредба со претходната Влада на чело со Ана Брнабиќ.
Премиерот Вучевиќ претходно изјави дека длабоко верува во историскиот договор меѓу Србите и Бошњаците и рече дека сака добри односи и со Хрватите. Истовремено, тој рече дека нема да ги гради овие односи на штета на сопствените интереси и дека Србија нема да се откаже од традиционалните пријатели.
Посебно внимание предизвикаа двајцата министри кои се под санкции на САД: Александар Вулин ќе биде вицепремиер, а Ненад Поповиќ ќе биде министер без ресор.
Регион
Договорен текстoт на резолуцијата за Сребреница
Предлогот за резолуција за комеморација на геноцид врз Бошњаците од Сребреница, извршен во јули 1995 година, е договорен, а за него треба да се расправа на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации, потврди амбасадорот на БиХ во ОН, Златко Лагумџија.
Лагумџија на социјалната мрежа „Икс“ објави дека процесот на усогласување на резолуцијата, чии формални предлагачи се Германија и Руанда, е завршен и испратен до претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис, па нејзиниот текст ќе биде претставен до земјите членки. на светската организација, од која се очекува поддршка.
Резолуцијата повикува да се воспостави 11 јули како меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница, уште еднаш се осудуваат сите дејствија со кои се величат сторителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид утврдени со пресудите на меѓународните судови. Ја нагласува важноста од завршување на потрагата по останките на преостанатите жртви кои досега не се пронајдени и повикува на продолжување на гонењето на сторителите на геноцидот кои се уште се на слобода.
Резолуцијата има намера да ги повика сите држави целосно да ги почитуваат своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, да го почитуваат меѓународното обичајно право за спречување и казнување на геноцид и да ги почитуваат релевантните одлуки на Меѓународниот суд на Правдата (МСП).
Од генералниот секретар на ОН се бара да воспостави информативна програма наречена „Геноцид во Сребреница и Обединетите нации“, која треба да се спроведе пред следната година, кога се одбележува 30-годишнината од тоа злосторство.
Сите земји-членки на ОН, како и невладините организации и граѓанското општество, предлагачи на резолуцијата истовремено повикуваат на соодветни активности за комеморација и чест на жртвите на геноцидот во Сребреница во 1995 година.
Македонија е коспонзор на оваа резолуција.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и лидерот на босанските Срби Милорад Додик инсистираат дека оваа резолуција е обид да се наметне колективна вина врз српскиот народ.
Регион
Tлото на Балканот се тресе: По Хрватска, земјотреси и во Албанија и Грција
Два земјотреси, во растојание од една минута – во 19.19 и 19.20 часот – вечерва се регистрирани на територијата на Албанија.
Земјотресите се со интензитет од 2,1 степен според Рихеровата скала.
Епицентарот на првиот земјотрес бил на седум километри од Елбасан, додека вториот на 62 километри од Тирана.
Според информациите на ЕМСЦ, неколку минути претходно, земјотрес од 2,5 степени имало и во јужниот дел од Грција, а уште два од 2 и 2,3 степени се регистрирани предмалку на Крит.
Претходно денес, Хрватска ја погоди силен земјотрес од 4,7 степени, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина. По овој потрес, следеа неколку помали.