Регион
Мицотакис ја претстави владината програма, на соседите им порача дека соработката ќе го одреди нивниот пат кон ЕУ
Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис денеска во грчкиот Парламент ја претстави владината програма, во рамки на тридневната расправа за добивање доверба на владата.
Во едночасовниот говор, Мицотакис говореше за владината политика во повеќе области, а кусо се задржа и на преспанскиот договор и грчко-турските односи, пренесуваат медиумите во регионот.
„Приоритет за Балканот е да се ублажат негативните ефекти од преспанскиот договр, а главната точка тука е развојната програма за северна Грција, заштитата на нашите производи и големата меѓународна кампања за нашата Македонија“, изјави Мицотакис.
Тој додаде дека ставот и добрата соработка на соседите ќе го одредат нивниот пат кон Европската Унија.
Грчкиот премиер во претставувањето на програмата, големо внимание посвети на економските политики. Најави намалување на даноците, како и забрзување на приватизацијата. Во однос на промените во здравството, Мицотакис нагласи дека ќе има вработување на 2.000 здравствени работници и истакна дека веднаш ќе почне да се спроведува законот за забрана на пушење на јавни места. Во образованието, приоритет на грчката Влада е вработување на 4.500 наставници по дефектологија, како и укинување на универзитетскиот имунитет според кој полицијата немаше право да интервенира во внатрешноста на факултетите.
Мицотакис вети борба против бирократијата, како и измени во изборниот законик, меѓу кои и можноста за гласање на Грците кои живеат во странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.
Регион
Грција се соочува со тешка демографска криза, младите остануваат дома до 30 година
Грција се соочува со сериозна демографска криза, покажува студија на статистичката агенција Елстат. Младите најчесто остануваат да живеат со родителите сè до својата 30-та година, бидејќи ниските плати не им дозволуваат самостоен живот и основање семејство. Ова, според психолозите, има негативно влијание и врз социјалниот живот и врз желбата за создавање нови семејства.
Според податоците на Евростат, Грција е прва во Европа по бројот на млади кои доцна го напуштаат родителскиот дом. Во Бугарија, на пример, младите заминуваат во просек на 28 години, пренесува БНР.
Кризата со домувањето дополнително ја влошува ситуацијата, а иако владата покрива една месечна кирија годишно за младите семејства, ниските примања и несигурноста ја намалуваат желбата за деца. Во последните 13 години, во земјата се родени четвртина милион деца помалку во однос на пред две децении.
Опозициската СИРИЗА предупредува дека демографската криза не може да се реши без сеопфатна стратегија.
Регион
Обилни дождови поплавија патишта и продавници во делови од Грција
Обилните дождови во Грција ги поплавија патиштата и продавниците. Полицијата ги повикува возачите да возат внимателно.
Јужниот дел од земјата беше најмногу погоден, особено планинските региони Загори и Џумерка, каде што патиштата беа непроодни. Пожарникарите мораа да спасуваат патници од поплавените автомобили. Беше спроведена спасувачка операција за спасување на двајца земјоделци и нивните стада.
Полицијата затвори еден од патиштата до пристаништето Игуменица. Сè е во вода, соопштија пристанишните власти.
Островот Крф е силно погоден од поројни дождови. Патиштата се како реки, што го оневозможува движењето, се жалат жителите на островот.
Многу куќи на приземје, ресторани и продавници се поплавени.
За денес, прогнозите се дека лошото време ќе продолжи, опфаќајќи го поголемиот дел од земјата и егејските острови.
Властите издадоа предупредување за внимателност при возење во областите Солун, Патра и Крит.

