Регион
Момче сведочи за тепачката пред да потоне сплавот: Обезбедувањето влезе и почна да исфрла луѓе, дојде до турканица
Во текот на ноќта на Институтот за мајка и дете бил примен младиот човек С.М.(18), кој, се претпоставува, дека бил повреден во тепачка што се случила синоќа на сплавот „Картел“, кој потоа потонал.
Според првите неофицијални информации, беше објавено дека се здобил со тешки телесни повреди, по што бил префрлен во Ургентниот центар. Сепак, како што соопштија од Ургентниот центар, во текот на ноќта примиле три лица од сплавот и на сите им биле констатирани полесни повреди, а по набљудување и лекување биле пуштени дома, пишува „Нова.рс“.
За тоа што се случило синоќа на сплавот, за „Блиц“ зборува еден од младите кои синоќа бил таму и кој како и останатите го исфрлило обезбедувањето.
View this post on Instagram
„Забавата требаше да трае до два и пол, но неколкумина од обезбедувањето се качија на сплавот и наизменично исфрлаа луѓе, меѓу кои и мене. Ги замолив да ми ја кажат причината, но тие само ми рекоа: ‘Оди надвор’. Излегов културно. Потоа им се јавив на пријателите да им кажам дека ме избркале, но по десетина минути почна да излегува поголема група луѓе кои се спротивставија на обезбедувањето. Тогаш почна тепачката“, рече тој.
Како што вели, наеднаш од сплавот почнале да излегуваат маса луѓе, туркајќи се и врескајќи…
„Сите дојдоа до мостот што ги поврзува сплавот и брегот. Мостот почна да пука, сплавот почна да тоне, а сите што бегаа од сплавот паднаа во водата. Не знаеле дека мостот паднал и потоа паднале во водата. Се спасуваа“, изјави сведокот за Блиц.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

