Регион
На повидок коалиција помеѓу бугарските социјалисти и Трифонов: „Двете партии имаат повеќе заеднички интереси, отколку разлики“
Лидерката на бугарските социјалисти, Корнелија Нинова, по разговорите со партијата „Има таков народ“, која победи на парламентарните избори во Бугарија, оцени дека средбата е добар чекор за изнаоѓање договор за формирање влада.
Истакна дека биле отворени теми за коишто се согласуваат, но има и точки за кои постојат разлики. Сепак, како што посочи Нинова, двете партии имаат повеќе заеднички интереси, отколку разлики.
„Остануваме на нашите позиции против концесиите, имаме разлики во повторната пресметка на пензиите и поточно кога тоа треба да се случи. Ние инсистираме тоа да се случи веднаш, а ставот на колегите од ИТН е дека треба да се случи следната година со новиот буџет“, рече Нинова.
Таа додаде дека БСП и ИТН имаат многу сличности во нивните гледишта околу судските реформи.
„Ние се согласуваме дека сериозната реформа во судството бара промена на Уставот и многу време – трансфер на обвинителството во извршната власт, друга структура на ДСК“, објасни таа. БСП, исто така, побарала нов закон за конфискација на нелегално стекнат имот.
Двете формации се согласија да испратат експертски групи за детално да продолжат со дискусиите за индивидуалните политики.
Лидерката на БСП рече и дека има три теми за кои треба да се разговара, вклучително и за Република Северна Македонија и за Истанбулската конвенција, но разговорите продолжуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

