Регион
Нема да биде екстрадиран: Ацо Боцевски, 28 години по убиството, живее во Грција и издава соби
Солунскиот жалбен совет одлучи да не го екстрадира во Македонија 60-годишниот Ацо Боцевски, познат под прекарот Циганот, осуден на повеќегодишна затворска казна за убиство што го извршил пред 28 години во земјата по што побегнал во Грција, јавуваат грчките медиуми.
Тој беше притворен и уапсен во Катерини во мај по европска потерница. Судските власти од Македонија бараа негова екстрадиција за да издржи 15-годишна затворска казна за убиство од ноември 1997 година врз 37-годишниот Сеат Ибраими.
Злосторството било извршено среде бел ден во центарот на Скопје. На убиството му претходела кратка автомобилска брканица на скопските улици по што Ибраими, возејќи „мерцедес“, излетал од патот во близина на зградата на осигурителната компанија „Кјуби“ на улицата 11 Октомври. Боцевски застанал зад него, излегол од возилото и го застрелал Ибраими со повеќе истрели.
„Тој самиот, преку своите адвокати, изјави дека во тоа време служел во личната гарда на тогашниот претседател на земјата, Киро Глигоров, и тврдеше дека бил цел на напад од политички причини“, пишува „Ин.гр“.
Според неговите тврдења, тој бил затворен 90 дена, а потоа ослободен, по што побегнал со пасош и се населил трајно во Грција.
„Водам бизнис со соби за издавање во Пиерија“, рекол тој, меѓу другото, кога бил повикан да се појави пред Одборот за жалби за време на расправата.
Оценувајќи дека казната застарила поради истекот на 20 години, според грчкото кривично право, судиите на Советот го отфрлиле барањето за негова екстрадиција во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и може трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат многуте согорувачки постројки, кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.

