Регион
Нова рунда разговори меѓу Грција и Турција во НАТО, Столтенберг се надева на решавање на проблемите
Турската и грчката воена делегација денеска ќе го одржат шестиот круг технички разговори во седиштето на НАТО во Брисел за да разговараат за источен Медитеран, соопшти турското Министерство за национална одбрана, пренесува „Анадолија“.
Разговорите, чија цел е да се намали ризикот од инцидент во услови на зголемени тензии во источен Медитеран, беа испланирани по состанокот меѓу претседателот Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Столтенберг денеска изјави дека дека техничките воени преговори меѓу Турција и Грција, предводени од НАТО, може да помогнат во решавање на основните проблеми меѓу двата сојузника.
Тој посочи дека НАТО е загрижен во врска со тензиите меѓу двата НАТО-сојузника додавајќи дека презеле иницијатива да ги обединат двата високоценети сојузници да седнат и да разгледаат како може да ги развијат воените механизми за деконфликција.
„Ова е во врска со тоа како да се осигуриме дека бродовите и авионите ја држат потребната оддалеченост и се однесуваат на одговорен начин. Значи, спречуваме, т.е. избегнуваме инциденти и несреќи. И секогаш постојат ризици кога имате толку многу бродови на исто место на истата територија, како што видовме во источен Медитеран“, рече тој.
Столтенберг исто така рече дека неговите неодамнешни разговори со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, и со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, довеле до почеток на техничките воени разговори.
„Се надевам дека ако можеме да најдеме решение, да ги воспоставиме овие механизми, тогаш тоа може да помогне во поддршката на напорите предводени од Германија за олеснување на разговорите за основниот проблем“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

