Регион
Објавен идентитетот на убиецот од Загреб
Убиството на шест лица во загрепската населба Кајзерица го извршил Игор Наѓ (36) од Вуковар, јавуваат хрватските медиуми, нагласувајќи дека се работи за едно од најстрашните злосторства од хрватската независност.
Убиени се мајка, татко, две ќерки, син на една ќерка и момче на другата, пренесе „Танјуг“.
Загрепски „Јутарњи лист“ пренесува дека се убиени сестрите Маја и Јосипа, 10-годишник, кој најверојатно бил син на Маја, додека убиецот, според првите и неофицијалните информации, бил момче на Маја.
Бебето, кое е пронајдено неповредено на местото на злосторството, е дете на убиецот и во моментов се наоѓа во Дом за деца.
Убиецот се самоубил при апсењето, а мотив за убиството најверојатно е љубомора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Отровната риба-змеј може да се сретне во Грција, Хрватска, Црна Гора и Албанија, секој пат сценариото е слично
Рибата „dragon“ или како што кај нас ја нарекуваат риба пајак или змеј риба е една од опасностите заедно со медузите кои демнат во морето на неколку локации кои традиционално во текот на сезоната ги посетуваат туристи од регионот.
При убодот, испушта отров, предизвикувајќи силна болка.
Оваа отровна риба може да се сретне на бреговите и островите на Грција, Хрватска, Црна Гора и Албанија, а секој пат сценариото е идентично – убодот се случуваше во плиткото каде што практично е невидлива.
Се крие во песок и чакал, долга е околу 10 сантиметри и има остри црни боцки на грбните перки. Поради својот карактеристичен изглед и бои, оваа отровна риба делува како камелеон бидејќи совршено се асимилира во својата околина. Она што е важно да се наведе е дека рибата змеј, односно рибата пајак, не е предатор и не напаѓа, туку средбата со отровните боцки се случува откако ќе ја згазите, а таа инстинктивно ги активира како одбранбен механизам.
Поради оваа причина капачите се советуваат да бидат внимателни при влегување во вода, особено на плажите на кои и претходно имало убоди.
Кога ќе наидете на нејзините боцки, иако болката е интензивна, важно е да останете присебни. Најпрво, додека убодот е уште свеж, најдобро е стапалото да се натопи во топла вода, односно во вода на температура чија топлина можете да ја издржите. Овој процес се спроведува поради фактот што колку е потопла водата, толку е послаб ефектот на отровот бидејќи отровот е термолабилен.
Важно е после овој третман да добиете прва помош од лекар во форма на инјекција или антибиотици.
По убодот покрај болка се јавува и главоболка, чувство на гушење, мачнина, тешко дишење, болка во пределот на срцето, зголемено потење. Исто така, постојат некои индикации дека инфаркт може да се случи кај срцеви пациенти.
Советите на експертите од областа на морската биологија како и медицинските работници се откако ќе ве убоде змеј риба, да не го покривате местото, да го виткате со завој или да го затворате болното место.
По лекувањето, според оние кои имале средби со оваа риба, болката понекогаш продолжува и во наредните денови.
„Пред неколку години ја згазнав на Олимпик Бич во Грција, многу лошо искуство. Таа испушти многу силен отров што ме остави во несвест. Веднаш по убодот отидов кај доктор кој ми даде инекција на местото на убодот, во стапалото“, напиша Србин во група на Фејсбук посветена на Грција.
Уште полошо искуство доживеала жена чиј син згазнал на риба змеј во Јадранот.
„Мојот син имаше лошо искуство на Јадранот на 15 години. Го убоде додека ја симнуваше од јадицата, не знаеше дека тоа е таа риба… Отокот беше ужасен, болката беше неподнослива, веднаш моравме да одиме на доктор“, пишува таа.
Регион
За една недела тројца исчезнати туристи пронајдени мртви на грчките острови
За само една недела тројца исчезнати туристи се пронајдени мртви на грчките острови, јавија грчките медиуми. Турист од САД кој исчезна на островот Матраки вчера е пронајден мртов како трет во изминатата недела, јавува грчката телевизија Скај њуз.
55-годишен маж исчезна од својот хотел на грчкиот остров Матраки во Јонското Море минатиот вторник, а 74-годишен маж од Холандија беше пронајден мртов на островот во саботата.
Британскиот ТВ водител д-р Мајкл Мозили беше пронајден мртов на егејскиот остров Сими пред една недела. Тој очигледно паднал по стрмна падина, изјави градоначалникот на Сими, Лефтерис Папакалодукас за Sky News.
Според грчките медиуми, во Грција моментално се водат како исчезнати уште неколку туристи.
Американски турист, 59-годишниот Алберт Калибет, исчезна на егејскиот остров Аморгос додека планинареше, а операцијата за потрага по двајца исчезнати француски туристи продолжува на егејскиот остров Сикинос.
Во соопштението на грчките власти се наведува дека спасувачката мисија ќе користи доброволци, пожарникари и ќе регрутира дополнителен полициски тим од блискиот остров Иос.
Регион
Црвен аларм за туристите на Јадранот: месојадни црви забележани на плажите во Будва, Црна Гора и во Италија
Месојадни црви се забележани на плажите во Будва, Црна Гора и во италијанските региони Сицилија, Калабрија и Апулија. За туристите и за жителите од овие региони издаден е црвен аларм за инвазија од месојадните црви, пишуваат денес српските и црногорските медиуми.
Невротоксинот во што го испуштаат месојадните црви предизвикува главоболка и вртоглавица. Долги се од 20 до 30 сантиметри и главно живеат на камено но и во песочното морско дно. Вообичаени се на Карибите и во тропските региони на западниот Атлантик.
Институтите за истражување на црви предупредуваат дека ваквите црви прават штета на рибарската индустрија оти се фаќаат за риболовната опрема. Многумина истражувачи работат на ограничување на ширењето на овој вид црви и на социјалните мрежи поттикнуваат секој што ќе ги забележи да пријави.
За оние кои ќе дојдат во допир со вакви црви, експертите советуваат боцките да се отстрануваат со суви прсти или леплива лента за да се избегне триење на кожата. Освен дезинфекција, препорачуваат да се измијат со ладна вода зафатените делови од телото и посета на лекар доколку се појават алергиски симптоми или покачена телесна температура.
На социјалните медиуми, минатиот месец, вакви црви првпат беа пријавени во Будва, Црна Гора.