Регион
Османи: Време е за значајни чекори во интеграцијата на Косово во ЕУ
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска во Европскиот парламент (ЕП) изјави дека е време за значајни чекори во интеграцијата на Косово во ЕУ.
„Подадевме рака за соработка на сите наши соседи и тоа го направивме во голема мера затоа што нашиот народ заслужува посветла иднина што значи посилна соработка во нашиот регион“, рече Османи обраќајќи им се на европарламентарците.
Таа оцени дека институциите на Косово сакаат „одржлив мир кој ја следи основната правда, стабилност со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет и фокус на добрососедските односи“.
Османи изјави дека напредокот на Косово кон членството во Европската унија ќе послужи како катализатор за мир и помирување во регионот каде, како што рече, „злобните сили, историски гледано, сеат раздор“.
„Недостигот на интеграција на демократските земји од Западен Балкан во ЕУ претставува голема безбедносна закана за цела Европа, бидејќи го остава регионот ранлив на закани и злонамерни актери. Интеграцијата на нашиот регион не е само од големо значење, туку и од стратешко значење“, нагласи таа и додаде дека Косово е составен дел на Европа.
Таа оцени дека заслуженото место на Косово во европското семејство „ги зајакнува самите основи врз кои е изградена Европската унија и го зајакнува европскиот континент преку поголемо единство“.
Обраќајќи им се на косовските Срби од говорницата на ЕП, Османи рече дека Косово е нивниот дом.
„Ќе направиме се за да се чувствувате интегрирани во Косово“, рече Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Масовно труење со олово на жителите на град во БиХ
Во општината Вареш во Босна и Херцеговина продолжува сериозната здравствена криза предизвикана од масовно труење со олово. Најновите резултати од тестирањето на повеќе од 100 жители потврдија дека труењето со тешки метали е многу пораспространето отколку што првично се претпоставуваше, пишува N1.
Присуството на олово во крвта овој пат е утврдено не само кај жителите што живеат во близина на депонијата на рудникот ДПМ Метали, во населбите Пржиќи и Даштанско, туку и кај граѓаните од самиот центар на Вареш. Претходните тестови од декември минатата година покажаа присуство на олово во крвта на сите 44 тестирани лица од различни возрасти.
Во меѓувреме, уште девет лица се тестирани приватно, а резултатите само ги потврдија алармантните индикатори. Особено е загрижувачки што олово е пронајдено и во наодите на пет деца под шест години.
Најновите тестови покажуваат дека некои луѓе имаат екстремно високи концентрации на олово во крвта, во некои случаи десетици, па дури и сто пати повисоки од референтните вредности.
„Присуството на олово во крвта е исклучително сложен здравствен проблем бидејќи нема физиолошка потреба од олово во човечкото тело. Современата медицина се залага за ставот дека нема „безбедна“ доза на олово во телото“, велат експертите од Институтот за здравје и безбедност на храната.
Во интервју за локална радио станица, вршителот на должноста градоначалник на општина Вареш, Малик Ризвановиќ, изјави дека, доколку го добие мандатот, здравјето на граѓаните ќе биде негов приоритет. Сепак, информацијата дека непосредно пред објавувањето на новите резултати за труењето, компанијата ДПМ Метали испратила до Владата на Зеничко-добојскиот кантон барање за зголемување на надоместокот за концесија предизвикува загриженост.
„Официјално е дека во петокот ДПМ Метали поднесе иницијатива за зголемување на концесискиот надомест до Министерството за економија на Зеничко-добојскиот кантон. Во наредните месеци ќе има зголемување на концесијата. Она што успеав да го договорам со компанијата е дека, кога ќе се потпише концесијата, таа ќе се плаќа ретроактивно од 1 јануари 2026 година“, рече Ризвановиќ.
Фактот дека самата рударска компанија бара од властите да ја зголемат концесијата што треба да ја плати изгледа неверојатно и покренува сериозни прашања за тоа кој управува со природните ресурси во Зеничко-добојскиот кантон.
„Ако компанијата се обидува да купи социјален мир со овој потег, јасно велиме дека здравјето на граѓаните нема цена и дека е крајно несоодветно да се зборува за концесиски надоместоци во време кога животите на луѓето во Вареш се сериозно загрозени“, истакнуваат жителите на Пржиќ и Даштански.
Властите на Зеничко-добојскиот кантон и Федерацијата БиХ сè уште немаат јасен одговор за ситуацијата во Вареш. Иако условите се исполнети, сè уште не е прогласена вонредна состојба. Исто така, не е познато дали Обвинителството на Зеничко-добојскиот кантон започнало истрага за труењето.
И покрај противењето на локалните заедници и граѓанското општество, надлежните кантонални власти продолжуваат да поддржуваат нови, потенцијално опасни рударски проекти во Вареш, вклучувајќи го и планираното рударство на хром во сливот на реката Криваја.
фото/илустрација/Depositphotos
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.

