Регион
Отровите на НАТО загадиле седум европски држави меѓу кои и Македонија, покажува извештај за бомбардирањето на Србија
Пратеничката на Српската напредна партија, Марина Рагуш, обелодени досега непознат извештај на Советот на Европа (СЕ), во кој, покрај страшните последици од нападите на НАТО врз Србија, се посочува и дека бомбардирањето на СРЈ во 1999 година загадило и седум европски земји.
Станува збор за извештај на СЕ, кој бил усвоен од Парламентарното собрание на Советот на Европа на 24 јануари 2001 година, но кој, од непознати причини, останал непознат цели 23 години.
Во него се наведуваат сериозните последици од воените дејства на НАТО врз животната средина не само во Србија туку и во земјите на Југоисточна Европа – Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Унгарија, Романија и Украина.
„Собранието со загриженост го констатира сериозното влијание врз животната средина на воените операции извршени од НАТО против СРЈ во периодот од 24 март до 5 јуни 1999 година, а штетите се прошириле и во неколку други земји во Југоисточна Европа и ќе имаат долгорочни ефекти врз здравјето и квалитетот на животот на луѓето“, се наведува во извештајот за влијанието на војната во СРЈ врз животната средина во Југоисточна Европа.
Рагуш вели дека околните земји го повикале СЕ да направи анализа бидејќи утврдиле дека нивото на штетни материи опасни за животот на сите живи организми е многукратно зголемено. Утврдено е дека преносот на загадувачите по воздушен, речен и копнен пат ја зафатил цела Југоисточна Европа.
„Напорите на воздушните сили на НАТО да ги уништат индустриските локации и инфраструктурата предизвикаа опасните материи да ги загадат воздухот, водата и копното. Овие супстанции ќе имаат трајно влијание врз здравјето и квалитетот на животот на луѓето од засегнатите земји. Конкретно, употребата на муниција со осиромашен ураниум, веројатно, ќе ја зголеми појавата на рак и вродени болести меѓу жителите на погодените области, како и меѓу членовите на вооружените сили што служат во овие области“, се наведува во извештајот.

Во него исто така се посочува дека бомбардирањето на еколошки опасните објекти претставува „флагрантно кршење на правилата за заштита на животната средина утврдени со дополнителниот протокол на Женевската конвенција“.
Вкупното количество убојни средства што ги употребил НАТО се проценува на 22.000 до 79.000 тони, со кои биле погодени 78 индустриски локации и 42 енергетски инсталации, но и најмалку 13 национални паркови и природни резервати, како Тара, Копаоник, Фрушка Гора и Шар Планина.
Според извештајот, бомбардирањето ги изложило екосистемите, површинските води, подземните води, земјата и воздухот на Балканот на невидена контаминација со повеќе од сто токсични материи.
Посебен дел од извештајот е посветен на употребата на осиромашен ураниум. НАТО потврди дека употребил околу 31.000 бојни глави со вкупно оптоварување од 10 тони осиромашен ураниум.
Честичките ураниум оксид, кои се ослободуваат по експлозијата, се разнесуваат со помош на ветрот и се таложат на почвата и вегетацијата. Клучниот проблем е што овие честички е невозможно да се неутрализираат или да се отстранат.
Покрај радиоактивните ефекти, ураниумот е многу токсичен и силен канцероген и мутаген, ги уништува хромозомите и предизвикува сериозни нарушувања во репродуктивниот систем.
„Беше многу предвидливо дека воената акција ќе има сериозни еколошки последици, кои станаа сосем очигледни уште од самиот почеток, така што може да се претпостави дека еколошката штета предизвикана од НАТО била намерна“, се наведува во извештајот.
Во извештајот на СЕ се наведува и дека до слични податоци дошле и експертите на ОН, кои составиле свој, исто така многу добро документиран извештај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Путин првпат зборуваше за НИС: Верувам дека Белград ќе ги исполни своите обврски
Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од две децении одржува годишна прес-конференција, на која ги презентира своите политички ставови и анализи на јавноста во Русија и во странство.
За време на конференцијата, новинар од Србија го потсети рускиот претседател дека Нафтената индустрија на Србија (НИС), заедничко вложување меѓу Русија и Србија, ги трпи последиците од западните санкции. Тој го праша Путин како ја коментира оваа ситуација?
„Што се однесува до НИС, притисокот од западните санкции продолжува, а ова е показател за политичка моќ. Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски, а двете земји ќе спроведат многубројни други проекти“, рече Путин не сакајќи да се продлабочува на оваа тема.
Претходно денес, рускиот претседател изјави за „Спутник“ дека знае што се случува со компанијата НИС и дека се надева оти ќе се најде заедничко решение.
„Знаеме што се случува со компанијата НИС. Имаме меѓудржавен договор и претпоставуваме дека пријателското српско раководство ќе го земе ова предвид. Имаме идеја за насоката во која сакаме да се движиме заедно. Работиме на тоа и се надевам дека ќе го најдеме потребното решение“, рече рускиот претседател.
Тој исто така рече дека без оглед на надворешната аспирација за подобрување на односите, притисокот со санкции ќе продолжи како начин за покажување сила, пренесува „Раша тудеј“.
„Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски и дека Русија и Србија ќе спроведат многубројни други заеднички проекти“, рече тој.
НИС е под санкции на САД од почетокот на октомври поради мнозинската руска сопственост, што значително го комплицира работењето на една од најважните компании за функционирање на целата српска економија.
Рускиот „Газпромнефт“ е мнозински сопственик на НИС, а рускиот претседател рече дека земјата инвестирала повеќе од три милијарди долари во компанијата.
фото/депозитфотос
Регион
E-пошта со безбедносни закани во училиштата во Словенија: учениците итно евакуирани
Неколку основни и средни училишта низ Словенија денес добија е-пошта со безбедносни закани, а некои беа евакуирани како мерка на претпазливост, објави полицијата.
Главната полициска управа на Љубљана изјави дека реагирала веднаш по приемот на заканувачки пораки, собрала информации и ги спровела сите потребни мерки за да ја осигура безбедноста на учениците и персоналот, објави СТА.
Досега собраните податоци укажуваат дека станува збор за генерички закани, без конкретна оперативна опасност.
Полицијата процени дека ситуацијата носи мал ризик и дека нема потреба од дополнителен аларм.
Министерот за образование беше информиран за инцидентот, пишуваат медиумите.
Фото: депозитфотос
Регион
Германските медиуми: Без Србија, нема стабилност на Балканот; Брисел сè прави погрешно
Германските медиуми пишуваа за одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ дека нема да оди на самитот на ЕУ оваа година за да ги заштити интересите на својата земја.
„Берлинер Цајтунг“ истакна дека целосно ја разбира последната порака што Вучиќ ја испрати до ЕУ со тоа што не присуствува на самитот.
Сепак, како што се оценува во написот на германскиот весник, „Брисел ја игнорира клучната геополитичка реалност“.
„Западен Балкан не може да се стабилизира без Србија, а секако не против Србија. Никаков одржлив мировен поредок и никаква економска интеграција не се замисливи на Балканот без конструктивно учество на Белград. Со постојано фрустрирање на најважната земја во регионот, ЕУго прави токму спротивното од она што тврди дека го постигнува“, пишува „Берлинер Цајтунг“.
На крајот, овој германски медиум го презентира заклучокот:
„Наместо да извезува стабилност, неодлучноста на Брисел сее недоверба и создава опасен вакуум во моќта. Актери како Кина намерно ја експлоатираат оваа европска слабост. Празното столче на Србија на самитот во Брисел е повеќе од протест од една земја. Тоа е знак за неуспех на политиката што ризикува да го изгуби сопствениот двор од геополитичките ривали.“
Фото: депозитфотос

