Регион
Пацоли: Жени од Србија гушкаа црнци и им оставаа коверти
Приштинската организација „Совет за одбрана на човековите права и слободи“ побара смена на косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли, по изјавата за наводниот начин на кој Србија лобирала во Интерпол.
Организацијата оцени дека Пацоли се послужил со сексистички и расистички речник, додека опишуваше како Србија лобирала против членството на Косово во Интерпол.
Тој во средата на седницата на одборот рече дека Србија ангажирала убаво облечени жени кои за време не Генералното собрание во Дубаи прегрнувале црни претставници на земјите членки на Интерпол за да лобираат против членството на Косово во меѓународната полициска организација, пренесе БИРН.
„Имаа околу 10 убаво облечени жени и секоја од нив приоѓаше до масата на некој црнец и говореше: ‘Извинете како сте?’. Потоа го прегрнуваше и му оставаше коверт“, рече Пацоли.
На Генералното собрание на Интерпол на 20 ноември во Дубаи, Косово и покрај поддршката на западните земји, а пред сè на САД, не доби доволен број гласови за членство во светската полициска организација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Одлука за воен рок за еден или два месеци, првите регрути во касарните во декември или март
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес објави дека во рок од еден или два месеца ќе се донесе одлука дали задолжителнниот воен рок официјално ќе започне од декември или од март следната година, како и дека регистрацијата на регрутите ќе започне од септември и октомври.
Вучиќ, откако началникот на Генералштабот на српската армија, Милан Мојсиловиќ, ги разгледа резултатите од анализата на состојбата, оперативните и функционалните способности на армијата за 2025 година, рече дека одлуката ќе биде донесена во српскиот парламент.
„Разговаравме за воениот рок, за тие 75 дена. Наскоро ќе донесеме одлуки. Прашањето е дали ќе започнеме со официјална служба од декември или од март, но дефинитивно ќе ја донесеме таа одлука во следните еден или два месеца и ќе одиме пред Народното собрание на Србија. Од септември, октомври ќе започнеме со регистрација на регрутите“, рече Вучиќ.
На прашањето од што зависи дали ќе започне со официјална служба во декември или март следната година, Вучиќ рече дека зависи од подготовките.
„Мораме да ги подготвиме сите објекти, мора да подготвиме доволно од сè, пушки, чизми, центри за регрутација, центри за регистрација. Мораме да ги подобриме амбулантните возила, да ги реновираме, да ги уредиме поинаку, па затоа ова се важни прашања за нас и сакаме да бидеме подготвени да чекаме овие млади луѓе да ги поминат тие два и пол месеци во најдобри услови, за да имаат најдобри спомени, да добијат одговорност, да добијат сериозност“, рече Вучиќ.
Како што додаде, патриотизмот треба да биде важен дел од разбирањето на улогата на армијата во општеството и присуството на војниците во неа, пренесува Танјуг.
Вучиќ изјави дека е многу задоволен од резултатите на армијата, но и дека се многу загрижени за формирањето на воени сојузи во „нашата средина против Србија, поради што одбранбените капацитети на нашата земја се драстично зголемени“.
„Многу сме загрижени за формирањето на воени сојузи во нашата средина против Србија и соодветно на тоа дејствуваме одговорно, сериозно, не провоцираме никого, туку сакаме да го одвратиме секој што би извршил агресија врз нашата земја. Нашите одбранбени капацитети на воздухопловните сили и противвоздушната одбрана се драстично и драматично зголемени. И во годините што доаѓаат, особено, сите други системи ќе бидат, во сите други видови на нашата армија и родови на армијата, секако“, изјави Вучиќ пред новинарите по состанокот.
Тој истакна дека е многу задоволен од резултатите што ги постигнала српската армија.
„За граѓаните на Србија да знаат, ми се чини дека ќе разберат сè врз основа на овие бројки – имаме рекордни издвојувања, некаде околу 2,65 проценти од БДП за одбранбениот и безбедносниот систем, дури и малку повеќе, но не на најдиректен начин, но од тие големи пари, она што е најинтересно, дури 54,1 процент се инвестиции“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека само 32,5 проценти се трошоци за персонал и други оперативни трошоци.
„Мислам дека ова зборува многу за нашите инвестиции во армијата, бидејќи е важно да се зачува мирот, а ние можеме да го зачуваме мирот само со одвраќање на некои од потенцијалните напади врз нашата земја“, нагласи Вучиќ.
Регион
Италија ги истражува „викенд-снајперистите“, Сараево се приклучува на постапката
Градскиот совет на Сараево денес даде согласност Градот да се приклучи кон кривичната постапка што во Милано се води против лица осомничени за снајперско дејствување врз цивили за време на војната. Одлуката е донесена откога италијанското обвинителство покрена истрага за таканаречените „викенд-снајперисти“, кои наводно плаќале за да пукаат врз цивили во опколениот град, пренесе Радио Слободна Европа.
Италијанските медиуми на почетокот на ноември минатата година објавија дека обвинителството во Милано покренало истрага врз основа на пријава од писателот и новинар Ецио Гавацени. Според неговата пријава, странци плаќале големи суми пари за со снајпер да убиваат граѓани.
Гавацени, по неколку обиди на Радио Слободна Европа да добие изјава, индиректно порача дека не сака јавно да истапува. Во меѓувреме, во Милано одржал прес-конференција на која најавил дека во февруари ќе објави книга за „снајперското сафари“.
Првите наводи за доаѓање странци на боиштето, како што вели, ги видел уште во 1995 година во текст на весникот Кориере дела Сера, по што почнал да пишува трилер на таа тема. Но, набрзо се откажал бидејќи сфатил дека знае премалку. На идејата повторно се вратил дури во 2022 година, поттикнат од документарниот филм Сараево сафари на словенечкиот режисер Миран Жупанич.
Се очекува обвинителството во Милано јавноста да ја информира за резултатите од истрагата во март оваа година. Доколку биде подигнато обвинение и се докаже вината на осомничените, тоа ќе биде прв случај во Европа некој пред суд да одговара за снајперски убиства на цивили во Сараево.
Додека се чека исходот од истрагата во Италија, и правосудството на Босна и Херцеговина ги проверува наводите, но до денес ниту еден снајперист не е процесиран за убиствата на цивили, а особено на деца, во Сараево.
За време на војната од 1992 до крајот на 1995 година, странски новинари и фоторепортери повремено престојувале на позициите на српските сили околу градот. Радио Слободна Европа контактирала некои од нив, но никој не можел да потврди дека лично видел странец кој платил за да пука врз градот.
За време на речиси четиригодишната опсада на Сараево, според податоците на здруженијата на жртви и пресудите на меѓународните судови, секое десетто дете убиено во градот загинало од снајперски истрел. Ранети се повеќе од 14.000 деца.
И покрај тоа, ниту еден снајперист до денес не одговарал по лична одговорност, ниту пред домашните, ниту пред меѓународните судови. Хашкиот суд во пресудите против највисоките функционери на Република Српска заклучи дека снајперската кампања имала една цел – „тероризирање на цивилите во Сараево“.
Регион
Софија предупредува: Блокадата на границите со Србија и Македонија носи критични економски загуби
Економските загуби за Бугарија и соседните земји ќе бидат критични поради блокадата на границите со Србија и Северна Македонија, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов за време на денешниот „Софски економски форум“.
„Ваквите блокади водат до многу сериозни последици не само за транспортот, туку и за целата економија што зависи од снабдувањето“, рече Караџов, цитиран од БНТ. Според него, постапките на превозниците од Западен Балкан ги кршат основните европски права за слободно движење на стоки.
И покрај сериозноста на ситуацијата, министерот за транспорт појасни дека Бугарија нема овластување сама да го реши проблемот. Тој ги упати превозниците кон европските институции, бидејќи спорот е поврзан со новите правила за влез во Шенген зоната, пренесува „Факти.бг“.
„Подобро е да седнеме и да разговараме со европските институции. Ниту владата во Бугарија, ниту која било друга земја-членка немаат никаква врска со оваа одлука“, додаде Гроздан Караџов. Тој ја повика Европската комисија што поскоро да почне преговори за да се најде компромис додека не се отворат границите.
Вицепремиерот изрази сериозна загриженост дека неговите обиди да иницира „прозорци“ за премин преку граничните премини Калотина и Гујешево може да бидат неуспешни.
Во моментов, загубите за превозниците се проценуваат на десетици илјади евра дневно, а ризикот од последователни потреси врз цените на основните производи останува висок.

