Регион
Пелоси: Благодариме Хрватска што го користите своето воено искуство за да и’ помогнете на Украина
Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во парламентот се заблагодари за хрватската воена помош за Украина, за гостопримството кон украинските бегалци и за користењето на сопственото искуство за да и’ помогне на Украина да победи во војната против Русија.
Во хрватскиот парламент, Пелоси потсети како била во Хрватска за првпат во 90-тите години како лидер на демократите во поткомитетот за странска помош и „од прва рака ја посведочила храброста на хрватскиот народ и страдањето што Хрватска го чувствувала во рацете на својот сосед“.
„И’ благодарам на Хрватска што го искористи тоа искуство за поддршка на Украина“, додаде Пелоси на заедничката прес-конференција со претседателот на парламентот Гордан Јандроковиќ.
Јандроковиќ истакна дека првата посета на претседател на Претставничкиот дом на Конгресот на САД покажува дека нивото на хрватско-американските односи е „навистина високо“.
„Нашите односи се пријателски, партнерски, сојузнички, а Хрватска и САД ги делат истите вредности – слобода, мир, демократија, заштита на човековите права и основни слободи“, додаде Јандроковиќ.
Пелоси оцени дека односите на САД со Хрватска растат на сите нивоа.
„Нашата безбедносна соработка е важна не само за регионот, туку и за мирот во поширока смисла“, рече таа.
Пелоси и Јандроковиќ посочија и дека постигнувањето договор за избегнување на двојното оданочување ќе доведе до зајакнување на економските врски и инвестициите.
Претседателот на хрватскиот Сабор рече и дека разговарале за ситуацијата во регионот и „искажале цврсто уверување дека процесот на проширување на Европската унија и НАТО е корисен за стабилноста на регионот“.
„Но, сите земји кои сакаат да го достигнат тоа ниво мора да ги исполнат критериумите и неопходните стандарди“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

