Регион
Петмина грчки полицајци уапсени за помагање шверцери со мигранти
Петмина полицајци се уапасени викендов во Грција под обвинение дека соработувале со трговците со луѓе за да го олеснат влезот на најмалку 100 мигранти во Грција и се задржани во притвор додека трае судењето, пренесува „Брејтбарт“.
Петмината полицајци дале изјави пред истражен судија во саботата наутро во пограничниот град Орестијада, во североисточна Грција.
Агенти од Одделот за внатрешни работи на грчката полиција ги следеле петте полицајци, кои се дел од специјалната погранична единица, од октомври 2022 година.
Тие ги прислушувале и нивните телефонски разговори, чии транскрипти се на над 2.000 страници. Полицајците предизвикале сомнеж со тоа што доброволно се пријавиле заедно да патролираат во одредено време.
Властите велат дека полицајците овозможиле најмалку 12 преминувања преку границата соработувајќи со четворица трговци со луѓе од неодредена националност, кои оперирале од Турција.
Надлежните тврдат дека обвинетите службени лица им зеле дел од парите што трговците со луѓе ги добивале од мигрантите за да ги пренесат преку граница.
Кога осомничените полицајци биле уапсени во пограничниот град Дидимотеихо, полицијата конфискувала околу 26.000 евра во готовина и речиси 60 мобилни телефони.
Речиси целата копнена граница меѓу Грција и Турција ја формира реката Еврос, наречена Мерич во Турција. Еврос е клучен премин кон Грција за луѓето што бараат подобар живот во Европската Унија.
Грција подигна висока ограда по должината на поголемиот дел од границата (38 км) за да го спречи преминувањето на мигрантите и планира дополнително да ја прошири петметарската бариера за уште 35 км.
Илјадници мигранти, главно од Сирија, Авганистан и Пакистан, се обидоа да преминат во Грција од Турција во последните години со надеж дека ќе стигнат до Западна Европа.
Со зголемувањето на патролите во Егејското Море, што им отежнува на мигрантите да стигнат до грчките острови, многу повеќе од нив ризикуваат да ја преминат реката Еврос, природната граница на Грција со Турција, со трговците со луѓе што ги превезуваат по копнен пат.
Грција, од друга страна, е обвинета и за нехумани практики против нелегалните мигранти. Според истрагата на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), Грција со помош на Фронтекс намерно и систематски ги враќала барателите на азил во Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија усвои закон за родова рамноправност по бурна расправа
Албанскиот парламент доцна синоќа го усвои Законот за родова рамноправност, по повеќечасовна и остра дебата. Законот беше изгласан со 77 гласа „за“, 36 „против“ и без воздржани.
Новите измени утврдуваат дека терминот род се однесува на општествено создадени улоги, однесувања и атрибути што се сметаат соодветни за жени и мажи.
Опозициската Демократска партија остро се спротивстави, обвинувајќи дека законот има за цел „уништвање на семејството“. Премиерот Еди Рама го оцени како „благороден и целосно усогласен со принципите на Европската унија за рамноправност и недискриминација“.
Бившиот премиер Сали Бериша побара од амбасадорот на ЕУ во Албанија да објасни која европска директива бара ваков закон.
Властите нагласија дека целта е да се обезбеди еднаков третман и можности за сите граѓани, без оглед на полот, во сите сфери на јавниот и приватниот живот.
Во Тирана беа одржани и протести на граѓански организации кои го нарекоа законот „антинационален и антисемеен“, предупредувајќи дека може да се злоупотреби и дека не е применлив во пракса.
На истата седница, парламентот ја одби иницијативата за формирање комисија за смена на претседателот Бајрам Бегај, поднесена од опозицијата, која го обвинува за сериозни повреди на Уставот.
Регион
Ја уби својата партнерка, па нејзиното тело го скри во замрзнувач: српската полиција го фати 43-годишниот убиец
Полицијата во Лесковац го уапси Д. Д. (43) од Печењевац, осомничен за тешко убиство на својата 36-годишна партнерка. Тој е осомничен дека ја убил на 2 ноември во семејната куќа по што избегал. Одреден му е притвор до 48 часа и ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава, пишува српски „Телеграф“.
Злосторството што ја потресе Србија беше откриено кога полицијата го пронајде телото на Катарина Глигориевиќ скриено во замрзнувач. Нејзиниот вонбрачен партнер Далибор Демировиќ веднаш беше осомничен за убиството.
Во времето на бегство Демировиќ наводно бил во домашен притвор со електронски мониторинг за друго кривично дело.
Тој бил ставен во домашен притвор за напад врз службено лице, полицаец, врз кого наводно фрлил ограда од тераса. Сепак, локалните жители се сомневаат во оваа верзија.
фото: принтскрин
Регион
Прогласена четиридневна жалост по трагедијата во Тузла
Тузла е обвиена во тага по вчерашниот пожар во дом за стари лица, во кој животот го загубија 11 мина. Поради оваа голема трагедија, една од најголемите во поновата историја на градот, градоначалникот Зијад Лугавиќ прогласи четиридневна жалост, што почнува денес, пишува „Кликс.ба“.
Голем број луѓе добиле со полесни и тешки повреди во пожарот. Според последните информации, 15 пациенти сè уште се во болница. Состојбата на четворица од повредените е исклучително сериозна и тие се поврзани на респиратори.
Со одлука на градоначалникот, денови на жалост во Тузла ќе бидат денес, утре, сабота и недела. Во овој период јавноста треба да се придржува до пропишаните правила. Четврток е прогласен за ден на жалост на ниво на Федерацијата на Босна и Херцеговина и округот Брчко.
фото: принтскрин

