Регион
Пленковиќ: Некои земји плаќаат повеќе за побрзо да дојдат до вакцини
На пазарот за вакцини против коронавирусот се врши еден вид киднапирање, бидејќи има земји кои плаќаат повеќе за да ги добијат, вели хрватскиот премиер.
Андреј Пленковиќ додава дека Хрватска нема да биде меѓу овие земји, но дека очекува американската компанија „Фајзер“ да го почитува договорот за испорака на вакцините. Тој потсети дека Владата минатата недела се согласила дека Хрватска ќе има цврст став оти треба да се почитува динамиката за испорака на вакцини.
„Сега дипломатијата во врска со вакцините малку се смени и се претвори во киднапирање. Одредени земји плаќаат повеќе од договореното. Сè уште не сме се обиделе да набавиме вакцини од други производители, но останавме на она што е договорено“, рече премиерот по состанокот на владата.
Тој рече дека Хрватска не размислува директно да контактира со производителот на вакцини, бидејќи смета дека штом ќе се склучи договор, тогаш тоа е завршена работа.
На прашањето дали Хрватска ќе го тужи „Фајзер“ за непочитување на договорот, Пленковиќ вели дека верува оти производителот кој не се придржува кон договорот треба да плаќа казни на државата за нередовна достава.
„Ако имате договор за кој сте преговарале и плаќате добра цена, јас не гледам смисла во нови преговори или понуда на повисока цена. Веројатно треба тие нам да ни платат казни за непочитување на договорот. Мислам дека е нормално и двете страни да го испочитуваат договореното и ние ќе ги искористиме сите средства што ги имаме на располагање за да се случи тоа“, рече Пленковиќ.
На забелешката дека Италија најавила тужба против „Фајзер“, Пленковиќ вели дека тоа ќе биде заедничка активност на ниво на Европската комисија, која ја потпиша набавката во име на земјите членки на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Регион
(Видео) Објавени снимки од последните денови пред трагедијата поврзана со култ во Бугарија
Бугарската полиција и обвинителството денес презентираа детални информации за трагичниот случај со шест жртви во областа Петрохан – Околчица поврзани со култ.
Беше потврдена и образложена информацијата дека за мртвите мажи, пронајдени на 2 февруари кај хижата „Петрохан“, станува збор за самоубиство, а за телата пронајдени подоцна во кампер под врвот „Околчица“ – за убиство проследено со самоубиство, јави „Њуз.бг“.
На брифингот беа претставени снимки од шест камери, кои органите на прогонот ги споделија со медиумите. Станува збор за видеа од 31 јануари, 1 и 2 февруари 2026 година. Снимките се од надворешниот дел на панинарската куќа и приодот – од синџир во регионот, патот и крстосницата во близина, рампата, паркингот и задната порта на објектот.
Стана јасно дека дел од камерите снимале само при детектирано движење. На една од снимките се слушаат истрели во самата колиба, при што се гледа и пожарот во објектот. На 2 февруари веќе нема траги од луѓе и возила во периметарот на колибата.
На некои од снимките се гледа и секојдневието на ренџерите, како и пристигнувањето или заминувањето на џиповите што ги користеле. Кадрите прикажуваат и ритуал, во кој учесниците клекнуваат и се поклонуваат до земја, упатувајќи благодарности и молитви.
Регион
Вучиќ се сретна со Макрон: Разменивме мислења за улогата на Србија и Франција во новиот свет што се создава
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска, за време на посетата на Индија, се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.
„На другиот крај на светот, во Њу Делхи, со пријателот Емануел Макрон секогаш срдечно и во добро расположение, особено по исклучителната вечера што ни ја приредија љубезните домаќини“, напиша Вучиќ на Инстаграм и додаде:
„Иако немаше време за сериозни и тешки теми, искористивме неколку моменти да размениме мислења за самитот во Индија и за местото и улогата на Србија и Франција во новиот свет на чие создавање сме сведоци.“
View this post on Instagram
Во текот на денот, претседателот Вучиќ имал почесно место на вечерата во Њу Делхи што ја организирал индискиот премиер Нарендра Моди. На свечената вечера за светските лидери, Вучиќ седел покрај францускиот претседател Емануел Макрон.

