Регион
Помпео во Хрватска, се очекува укинување на визите за САД

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, денеска ќе пристигне во Дубровник како највисок функционер на американската администрација што ја посетил Хрватска откако Доналд Трамп е во Белата куќа. Се очекува тој да соопшти дека по 30 години на хрватските граѓани повеќе нема да им требаат визи за влез во САД, пренесува „Индекс.хр“.
Државниот секретар на САД утре треба да се сретне со хрватскиот премиер и со министерот за надворешни работи во Дубровник.
„Прашањето за визи за хрватските граѓани што влегуваат во САД не е решено три децении, но Помпео може да објави во Дубровник дека Хрватска го исполнила условот за нивно укинување“, пишува хрватскиот портал.
Покрај Хрватска, единствените членки на ЕУ, чии граѓани мора да имаат виза за влез во САД се Романија, Бугарија и Кипар. Полска минатата година беше исклучена од тој режим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Осум од повредените во Кочани се во „Пирогов“ во Софија, три се деца, сите се во тешка состојба

Осум од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се во тешка состојба во Софија во болницата „Пирогов“. Од нив три се деца на возраст од 15-16 години – две девојчиња и едно момче, објави БГНЕС.
Ова утрово го соопшти д-р Валентин Димитров, директор на „Пирогов“ – една од болниците каде што беа пренесени дел од повредените во трагичниот инцидент во Македонија, пренесе БГНЕС.
Уште петмина од примените во „Пирогов“ – четири мажи и една жена се во тешка општа состојба. Едно од децата е на интензивна нега. Тројца се интубирани. Изгореници има на горните екстремитети и лицето, објасни д-р Димитров.
Останатите повредени во Кочани, транспортирани во Бугарија, се сместени во Варна и Пловдив.
Д-р Валентин Димитров најави дека во моментов нема итна потреба од дарување крв за настраданите, но секогаш има потреба од крводарители. Тој апелираше да не престанува крводарителството. За повредените од Кочани, центрите за крв во Пловдив, Стара Загора и Софија се подготвени да одговорат на она што е потребно.
Регион
(Видео) Тројца пациенти од Кочани се примени во болница во Варна

Тројца повредени во пожарот во Кочани вчера се примени на Клиниката за изгореници при ВМА-Варна, јави Бгнес.
Тие беа пренесени во Варна со воениот авион Спартан, кој првично слета во Софија, каде што пет пациенти беа сместени во болницата Пирогов.
Бугарија се обврза на лекување на 14 повредени во пожарот во Кочани.
Во пожарот што избувна во дискотека во Кочани животот го загубија 59 лица.
Регион
Авион на српската армија со 12 повредени во пожарот во Кочани пристигна во Белград

Дванаесет пациенти повредени во пожарот во дискотека во Кочани вчера вечер се пренесени од Македонија во Белград со авион CASA C-295 на српската армија, кои ќе бидат згрижени во Воената медицинска академија и во Клиничкиот центар на Србија, јави Танјуг.
Претходно, авион со четворица лекари и четворица медицински техничари полета за Македонија за медицинска евакуација на повредените во несреќата. Двајца пациенти кои претходно биле пренесени од Македонија со воени амбулантни возила се на лекување во Воената болница Ниш и Клиничкиот центар Ниш. За да им се пружи помош на повредените, планирано е двајца лекари од ВМА (пластичен хирург и анестезиолог) и еден медицински техничар – инструмент-оператор да останат во Македонија, пренесе српски Телеграф.
Најмалку 59 лица загинаа во пожарот што избувна ноќта меѓу саботата и неделата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.