Регион
Поранешен министер во Република Српска му удри шлаканица на градоначалникот на Бања Лука, осуден е
Окружниот суд во Бања Лука го осуди поранешниот министер за внатрешни работи на Република Српска, Драган Лукач, на три месеци затвор поради нанесување физички повреди на актуелниот градоначалник на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, пренесува „Дневни аваз“.
Ваквата одлука е донесена откако Обвинителството поднесе жалба на првостепената пресуда со која Лукач е само казнет.
„Со пресуда на Основниот суд во Бања Лука од 17 март годинава обвинетиот Драган Лукач е прогласен за виновен за кривичното дело телесна повреда за што му е изречена глоба во износ од 300 КМ и е ослободен од обвиненијата – кривично дело загрозување на сигурноста. Окружното јавно обвинителство Бања Лука поднесе жалба на наведената пресуда, која беше прифатена од Окружниот суд во Бања Лука“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека Окружниот суд ја преиначил пресудата на Основниот суд во одлуката за казната, па глобата е преиначена во затворска казна од три месеци. Во другиот дел беше потврдена пресудата на Основниот суд.
Обвинението го обвини Лукач дека го нападнал Станивуковиќ на 23 декември 2019 година околу 22 часот на специјална седница на парламентот на Република Српска. Споменатата седница ја пренесуваа јавниот медиумски сервис „РТРС – плус“ и БН ТВ.
Лукач потоа го навредувал Станивуковиќ по што му удрил шлаканица. Според Кривичниот законик на Република Српска, на Лукач му се заканувала казна затвор до две години. Обвинението беше потврдено во мај 2021 година, а првостепената пресуда беше изречена во март годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

