Регион
(Видео) Приврзаници на Бериша се обидоа насилно да ја заземат Демократската партија во Албанија

Албанската полиција одговори со солзавец и водени топови на нападот на демонстрантите кои фрлаа камења врз седиштето на опозициската Демократска партија во услови на жестока битка меѓу партиските ривали за власт.
Меѓу демонстрантите се поддржувачи на поранешниот албански претседател и премиер Сали Бериша, кој беше исклучен од партијата минатата година, откако Вашингтон му забрани влез во Соединетите држави поради наводна корупција.
Бериша, кој ги негира злоделата што му се припишуваат, оттогаш со сите сили се бори за водечка улога во партијата, а негов противник е нејзиниот сегашен лидер Лулзим Баша.
Минатиот месец Бериша го свика собранието на партијата и најави дека ќе се кандидира за нејзин лидер.
За време на денешните немири, приврзаниците на Бериша со чекани ги искршиле новопоставените метални безбедносни врати во канцелариите во обид да се искачат на вториот кат.
Локалните медиуми пишуваат дека вработените кои се нашле во зградата се обиделе да ги спречат демонстрантите уште пред доаѓањето на полицијата.
Амбасадорот на САД во Албанија Јуриј Ким рече дека нејзината администрација е длабоко загрижена поради тензиите во Демократската партија.
„Оние кои поттикнуваат насилство или го поткопуваат владеењето на правото ќе одговараат“, напиша Ким на Твитер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Украинско комбе се судри со руски камион во Словенија, петмина загинати

На автопатот кој ги поврзува Марибор и Љубљана, во близина на излезот Словенска Коњица, во правец на Љубљана, се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа пет лица, а две се повредени. Несреќата се случила кога патничко комбе удрилo во камион. Сите жртви биле странски државјани, соопшти словенечката полиција, јавуваат медиумите во регионот.
Според досега утврденото, возачот на комбе со украински регистарски таблички, кое превезувало седум лица, поради несоодветна брзина, удрил во задниот дел од приколка која стоела во ред поради работи на автопат. Пет лица загинале во комбето на местото на несреќата.
Возачот, кој ја предизвикал несреќата, е полесно повреден, додека патничка е тешко повредена. Двајцата повредени се пренесени во болница, а тешко повреденото лице е пренесено со хеликоптер. Идентитетот на загинатите сè уште се утврдува.
Возачот на камионот, руски државјанин, не е повреден, но му е понудена психолошка помош поради сериозноста на несреќата, објавува Радиотелевизија Словенија. Несреќата се случила непосредно пред одморилиштето Тепање, на дел од автопатот каде што се во тек големи работи – се реновираат 13 километри пат, два тунела и три вијадукти. Полицијата потврди дека несреќата се случила пред работната зона каде што се формираат долги редици поради затворени ленти.
Фото: принтскрин
Регион
Млад човек се удави во Улцињ: трагедија во Црна Гора

Млад човек се удави во Улцињ денеска, во попладневните часови, јавуваат медиумите во регионот.
Според написите, давењето се случило на „Големата плажа“.
Засега нема информации за идентитетот на загинатиот.
Според последните извештаи било подигнато црвено знаме бидејќи имало големи бранови во морето.
Регион
Србија им препорачува на граѓаните да не патуваат во Хрватска на почетокот на август

Министерството за надворешни работи на Србија им препорача на граѓаните на Србија да се воздржат од патување во Хрватска во периодот од 1 до 10 август.
Во соопштението Министерството им советува на граѓаните што ќе бидат на територијата на Хрватска во тој период да избегнуваат собири и други јавни собири, кои може да носат ризик од инцидентни ситуации.
Во тој период – на 5 август, Хрватска ја одбележува годишнината од воено-полициската операција „Бура“. Прославата се одржува на денот кога завршила акцијата. Во Србија годишнината од „Бура“ е на 4 август, денот кога почнала, како ден на сеќавање на жртвите и протераните Срби.