Регион
Протести во четири српски градови, Белград полн со народ: „Или насилството ќе сопре или Србија ќе сопре“
Во Србија денеска по седми пат се одржува протестот „Србија против насилството“, а во Белград почнува како и секој пат досега пред Собранието на Србија. Денеска за прв пат на протестот ќе се приклучат Нови Сад, Ниш и Крагуевац.
Причина за продолжување на протестните собири е неисполнувањето на барањата на демонстрантите за кои поставија рок до 15 јуни. Најголем дел од барањата беа насочени кон медиумите, а организаторите меѓу другото бараа одземање на националните фреквенции од телевизиите кои промовираат насилство, како што се Пинк и Хепи ТВ и укинување на реалните шоуа на телевизиите со национални фреквенции.
Тие побараа и разрешување на министерот за образование Бранко Ружиќ кој поднесе оставка, министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и директорот на Безбедносно-информативната агенција Александар Вулин.
„Во Нови Сад акции и собири на граѓани ќе се одржуваат на раскрсницата на улиците Темеринска и Партизанска. Во Ниш улица Никола Пашиќ, улица Крал Стефан Првовенчани и 7 јули. Во Крагуевац, Вук Караџиќ, Кнез Михаило, 27 март и раскрсница на главната улица кај Велики парк“, изјави пратеникот Мирослав Алексиќ за Н1 Србија.
„Во спротивно, ќе ја продолжиме акцијата во наредните недели, а таа ќе станува се поголема и поголема. Или ќе сопре насилството во Србија или ќе сопре Србија“, рече Алексиќ.
Претставникот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ изјави дека жртвите на овој режим денеска ќе се обратат пред демонстрантите. „Навистина е важно да постои двонасочна комуникација меѓу луѓето кои технички ги организираат протестите и луѓето кои учествуваат во протестите“, рече тој.
„Таму ќе говорат жртвите на овој режим Небојша Станојевиќ, рудар од Алексинац, студентот Павле Цицвариќ, бидејќи е многу важно да ги почитуваме и младите кои за прв пат после долго време учествуваа во протести во голем број. Многу е важно што студентите се побунија. На демонстрантите ќе им се обрати и Мирко Поледица, фудбалски работник, а водител на програмата ќе биде Смиљан Бањац“, изјави Миливојевиќ за Н1 Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

