Регион
Радев ќе се кандидира за втор мандат
Бугарскиот претседател, Румен Радев, најави дека заедно со потпретседателката Илијана Јотова ќе се кандидира за втор мандат како шеф на државата на претседателските избори што ќе се одржат на крајот на годината.
„Ова рано објавување на нашата кандидатура им овозможува на бугарските гласачи да имаат право на информиран избор, а исто така им овозможува на политичките сили да одлучуваат. Како претседател и потпретседател, ќе продолжиме да работиме за обединување на општеството, за надминување на беззаконието и за гарантирање на достојното место на Бугарија во европското семејство“, изјави Радев, пренесе БГНЕС.
Тој посочи дека засега не преговарал со политичките партии за поддршка на кандидатурата со Јотова.
„Со Јотова очекуваме да бидеме заедно со бугарските социјалисти, како и со сите угледни Бугари, за да ја придвижиме Бугарија напред. Довербата меѓу нас и БСП се зајакна за овие тешки четири години од нашиот мандат. Тие докажаа дека продолжуваме да ја исполнуваме нашата заложба за нова Бугарија. Очекувам повторно да бидеме заедно со БСП“, рече Радев.
Како што додаде, во оваа бурна година за Бугарија претседателската институција продолжила да ги брани интересите на Бугарите, да биде последната бариера за беззаконието, да работи за модернизација на Бугарија и за интересите на Бугарите во странство.
„Протестите што избувнаа ја потврдија исправноста на мојот став. Претседателската институција ги поддржа фер барањата на демонстрантите со барањето за оставка на владата“, рече бугарскиот шеф на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

