Регион
Рама: Без преседан, Србија стана жртва
Премиерот на Албанија, Еди Рама, во врска со обвинувањата на Приштина кон Мирослав Лајчак рече дека тоа се работи што те оставаат без зборови.
Според него, ваквите потези предизвикуваат поголема штета наместо да ја подобрат состојбата наведувајќи дека патот што го избра Аљбин Курти не е патот што води до целта.
Во интервју за „Еј-би-си њуз“, Рама рече дека пристапот на Приштина ѝ помага на Србија бидејќи, според него, Србија станува жртва во очите на целата меѓународна заедница, пријателите и партнерите на Косово.
„Реакцијата на премиерот Курти пред неколку дена беше без преседан. Не се сеќавам на сличен случај, висок претставник на Косово директно да го обвини претставникот на ЕУ и да каже дека испратил писмо со жалба до официјалните лица, Шолц и Макрон. Тоа се работи што ве оставаат без зборови и дополнително му штетат на она што наводно се обидуваат да го поправат бидејќи теориите на заговор за соработката што ги откривте меѓу Србија и специјалниот пратеник на ЕУ не се нешто што е препорачливо да се прави“, рече Рама.
Не се сомнева, вели, желбата на Курти да го направи најдоброто за Косово, но никогаш не се доволни големата желба и добрата волја, потребна е стратешка визија за постигнување на целта, која тој овде не ја гледа.
На изјавата дека е малку парадоксално што Албанија претседава со Советот за безбедност, но е немоќна да влијае на Приштина, Рама одговара дека не сака да влијае на Приштина бидејќи постои влада што произлегува од волјата на народот, а има одговорност да го води Косово и да го избере патот до целта.
„Заклучокот е дека мислиме оти патот што го избраа не води до постигнување таа цел, туку води до судир со САД и ЕУ. Ова е тажно, но верувам дека е привремено“, рече Рама.
За него, извесно е дека тоа не го носи посакуваниот резултат за Косово, што е заокружување на процесот на нормализација, а потоа и излез од „ќор-сокакот на признавањето“, пред сè, меѓу земјите од ЕУ.
„Тоа е и целта на француско-германскиот план и тоа требаше да биде најголемото можно достигнување, а тоа би било де факто признавање од Србија, без разлика дали Србија формално ќе го признае Косово или не. Косово ќе има свое место, би се ослободило од товарот на конфликтот во продолжувањето на евроинтеграцискиот процес. ЕУ инсистира на процесот на нормализација бидејќи сакаат да го интегрираат Косово во целата структура на меѓународната организација и во самата Унија, која никогаш нема да се случи ако Косово не го реши овој проблем“, рече Рама.
На прашањето дали смета дека Србија има корист од ваквата состојба, вели дека е жално што пристапот на Приштина ѝ помага на Србија, а не на Косово, бидејќи ја виктимизира Србија во очите на целата меѓународна заедница.
„Србија игра игра бидејќи кратковидата политика на Приштина ѝ дава можност“, рече Рама.
На прашањето дали разговарал со украинскиот претседател за независноста на Косово, одговори дека „патот до конечното признавање на Косово минува низ Приштина“.
„Несомнено, разговаравме за тоа со претседателот Зеленски и за тоа во секое време разговараме со секој лидер кој претставува земја што не го признала Косово, но, од друга страна, ние сме многу јасни и убедени дека патот до конечното признавање на Косово не оди преку Украина или Гана, Нигерија, туку поминува низ самата Приштина, која мора да се потруди до крај да го искористи отворениот пат на голема можност создаден од француско-германскиот план, со поддршка на сојузниците, туку го поткопува со пристап што не го разбирам“, рече Рама.
Тој оцени и дека напорите на Србија и Русија повторно да се отвори прашањето за Косово во Обединетите нации се залудни.
Косово ја доби војната, вели тој, а Меѓународниот суд го потврди тоа.
„Ова се залудни пропагандни напори, но не водат никаде. Косово ја доби војната, Косово го потврди и самиот Меѓународен суд на правдата и тоа е неповратно. Поентата е дека Косово не е во состојба да освои мир, да го претвори мирот во добро, кое треба меѓународно да се потврди и да се развива во сите правци“, рече Рама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

