Македонија
Рама до Бугарија: Ја блокирате Северна Македонија за да покажете дома колку сте силни, политиката е антиевропска

Албанскиот премиер Еди Рама упати критики до официјална Софија и до сите ЕУ-членки што користат билатерални прашања за блокади на форум во Тирана организиран од „Солуција“, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите „Отворено општество“ и „Рокфелер“.
„Зошто ја блокирате Северна Македонија? За да покажете дома колку сте силни!“, порача Рама заклучувајќи дека политиките на блокади се ужасни, одвратни и антиевропски.
„Што ви е поентата? Што сакате да постигнете со блокадата на Северна Македонија? Што мислите дека ќе постигнете? Да падне поддршката во ЕУ, само тоа можете да го постигнете!“, ова е главната порака што албанскиот премиер Еди Рама ја испрати до Бугарија, но и до другите земји членки на ЕУ, кои користат билатерални прашања за да го блокираат процесот на проширување, денеска, во Тирана, на лидерскиот состанок, настан организиран од Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите „Отворено општество“ и „Рокфелер“.
„Ова е најантиевропска политика што може да се замисли, ова е најстрашен пристап кон нашата иднина и долгорочно ова е еднакво штетно и опасно и за нив, не само за нас. Ова е лудо! Целосно лудо! Што значи ова? Дека сега за секоја земја што сака да се зачлени може да се појави друга и да каже – не, првин да видиме кој беше овде прв, кога од мајмуни станавме луѓе, дали бевме ние или вие“, порача Рама и продолжи:
„Падот на поддршката кон ЕУ е резултат токму на ова ср..е! Национализмот ја киднапира ЕУ и ЕУ станува жртва на националистичките пориви на земјите, една, па друга. Решението е просто – не може билатералните прашања да блокираат! А ако некоја земја сака да глуми дека некое билатерално прашање е европско, тогаш мора да има барем уште една што ќе ја поддржува. Не може 26 земји да кажат – ова е билатерално прашање, една да тврди дека е европско и наеднаш тоа да стане европско. Наместо Бугарија да рече, добро, ние имаме проблем со Северна Македонија (иако јас не им го разбирам проблемот, искрено), ама ајде да го оставиме настрана, а преговорите и трансформацијата на земјите да течат, тие бојкотираат. Зошто ги блокирате самите преговори? Зошто блокирате реформи? Лудо! Одвратно!“, смета Рама.
„Истото ова се случи со Константинопол, додека Грците се занимаваа дали ангелите имаат секс, султанот ги освои. Така и ние сега, се занимаваме дали ангелите имаат секс во регион во кој баш и нема ангели, а опасностите се тука“, вели тој.
Албанскиот премиер порача дека опасно е кога минатото станува повлијателно од иднината:
„Морате да го погледнете минатото со очите на иднината, не обратно. Нашите проблеми во регионот почнаа тогаш кога добивме држави. Претходно тука си имаше луѓе што живееја заедно, без разлика на своите различности, тераа бизнис заедно, се женеа и мажеа меѓу себе, се разведуваа… Штом добивме држави, почнаа проблемите. Па, така, сега се занимаваме кои се мајката и таткото на Александар, кој е овој, кој е оној… какви глупости! Мислите дека обичен грчки таксист денес е навистина антички ексклузивен наследник на Платон? Јас не мислам. Ова се тешки глупости и сите ние се занимаваме со ова до точка кога нашата иднината е загрозена“, порача Рама.
Шефот на албанската влада, инаку, се обрати на настан организиран во Тирана од Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите „Рокфелер“ и „Отворено општество“.
На настанот, заедно со него, зборуваа и Весела Чернева, заменик-директорка на Европскиот совет за надворешни односи, Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка, и Даниела Шварцер, членка на француско-германската група за реформи на ЕУ, а настанот беше модериран од претседателот на „Солуција“, Никола Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.