Регион
Рестораните и баровите во Бугарија ќе затвораат во 22 часот
Рестораните и баровите во Бугарија ќе треба да се затворaaт во 22 часот од 7 септември, а спортските натпревари во салите ќе се одржуваат без гледачи, изјави денеска бугарскиот министер за здравство, Стојчо Кацаров.
„Нема простор за паника. Ситуацијата е сериозна, но не излегува од контрола. Нискиот процент на вакцинација нѐ принудува да ги воведеме овие мерки“, рече министерот, а пренесе „Ројтерс“.
Тој уште еднаш апелира до граѓаните да се вакцинираат.
Според новите ограничувања што ќе бидат во сила до крајот на октомври, музичките фестивали ќе бидат забранети, а кината и театрите ќе треба да работат со капацитет од 50 проценти.
„На учениците ќе им биде дозволено да посетуваат настава кога ќе почне учебната година на 15 септември“, рече Кацаров, но предупреди дека ако бројот на новозаразени продолжи да расте, можеби ќе треба да се префрлат на онлајн-настава.
Бугарија е земја со најниска стапка на вакцинација против коронавирус во Европската Унија, а во последните недели забележа голем скок на инфекции предизвикани од позаразниот делта-сој на вирусот.
Меѓу популацијата од седум милиони жители, само денес се регистрирани 1.745 нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број на активни инфекции се искачи на 32.192.
18.950 луѓе починаа од почетокот на пандемијата, а уште 54 смртни случаи се пријавени денеска во Бугарија, која има највисока стапка на смртност во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

