Регион
Рускиот институт го одобри производството на „спутник В“ во Србија
Рускиот национален институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ го потврди квалитетот на вакцината произведена во српскиот институт „Торлак“. Институтот го одобри производството на вакцината „спутник В“ против коронавирус во иднина во „Торлак“.
Србија на тој начин ќе стане првата земја во Европа што ја произведува вакцината „спутник В“, беше објавено на состанокот што во Москва го одржаа министерот во Владата на Србија и претседател на Мешовитиот комитет за соработка со Русија Ненад Поповиќ и директорот на Институт „Гамалеја“ Александар Гинцбург.
Министерот Поповиќ потсети дека сериите за валидација на вакцината од „Торлак“ беа испратени на проверка во Институтот „Гамалеја“ минатиот месец.
„Институтот Гамалеја потврди дека вакцините произведени во Торлак ги исполнуваат пропишаните стандарди за квалитет. Денес ја добивме таа потврда од нашите руски партнери и добивме одобрение да продолжиме со производството “, рече Поповиќ.
„Ова е одлична вест за Србија. Нашата земја повторно ќе стане сила во производството на вакцини, а денес тоа е како да го имате најмоќното оружје со кое ја заштитувате безбедноста на своите граѓани“, рече Поповиќ.
Тој посочи дека во следните две недели очекува од Русија да пристигне значителна количина на супстанција за производство на двете компоненти на вакцината „спутник В“.
„Многу скоро, Србија ќе има доволно вакцини за целосно да ги покрие своите внатрешни потреби и ќе разговараме со претседателот Вучиќ каде што треба да се испраќаат вакцини надвор од Србија, со цел да им помогнеме на нашите партнери во регионот и во Европа во борбата против коронавирусот“, рече Поповиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Хашим Тачи тврди дека е целосно невин и бара ослободување од Хаг, и другите тројца водачи на ОВК негираа вина
Четворица поранешни лидери на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весели – на кои им се суди пред Специјализираните совети во Хаг за воени злосторства, денеска во своите завршни зборови пред судскиот совет се изјаснија за невини и тврдеа дека обвиненијата на обвинителството против нив не се основани.
„Речиси три години во оваа сала ги слушавте обвиненијата на обвинителството. Ја слушнавте и вистината. Постои само една вистина. Јас сум целосно невин“, изјави Хашим Тачи, додавајќи дека жали за сите жртви без разлика на националноста.
Според Тачи, единствениот противник на него и на ОВК бил режимот на Милошевиќ.
„Да не беа интервенциите на НАТО-силите, Косово никогаш немаше да биде слободно и независно“, рече Тачи.
Неговата одбрана наведе дека најголемиот грев на судењето е ако се ветува многу, а се исполнува малку, истакнувајќи дека обвинителството е виновно за тоа, бидејќи ветило многу, а не презентирало ништо.
Вториот обвинет, Кадри Весели, изјави дека неговото семејство и тој „постојано биле изложени на прогон од српската држава“, а дека се вратил на Косово затоа што „не можел да остане рамнодушен кон страдањето што неговиот народ го доживувал“.
Весели истакна дека неговите постапки биле хумани и дека неговата совест е чиста.
Поранешниот лидер на ОВК, Реџеп Сељими, во завршниот збор рече дека „Србија никогаш не ги криела своите намери кон Албанците“.
„ОВК не беше создадена од желба, туку од нужда. За мене е најголема чест да бидам соборец на Адем Јашари. Да, носев оружје. Оружјето за нас беше преживување. ОВК немаше друга цел освен слободата. ОВК беше ослободителна војска“, изјави Сељими.
Јакуп Красниќи изјави дека не смета оти обвиненијата против него претставуваат правда.
„Целиот свет знае дека НАТО интервенираше поради кривичните дела извршени врз косовските Албанци. Без таа меѓународна интервенција немаше да ја имаме нашата слобода, но таа немаше да биде остварена ниту без ОВК“, рече Красниќи.
Поранешните лидери на ОВК се соочуваат со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Косово во периодот 1998–1999 година. Според обвинението, тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“.
Изнесувањето на завршните зборови во Хаг започна на 9 февруари. Главната обвинителка Ким Вест тогаш изјави дека сведочењата и доказите презентирани во текот на постапката потврдиле дека кривичните дела биле извршени и дека обвинетите се одговорни за нив. Таа побара Судот да ги прогласи обвинетите за виновни по сите 10 точки од обвинението и да им изрече единствени казни од по 45 години затвор.
Регион
Кинеските брзи возови наскоро на релација Будимпешта–Белград
Новата ера во железничкиот сообраќај меѓу Унгарија и Србија би можела да почне за неколку недели со воведување модерни возови од кинеско производство на линијата Будимпешта–Белград. Во меѓувреме, на унгарската делница веќе се спроведуваат тестирања со големи брзини, а првите информации велат дека патувањата нема да бидат само побрзи, туку и значително поудобни, пишува „Дејли Њуз Хангари“.
Српската државна железничка компанија Србија Воз ги претстави возовите што ќе сообраќаат на новата линија. Секој воз има капацитет од 498 патници.
Внатрешноста повеќе наликува на модерни меѓуградски возови отколку на традиционални регионални линии, а на патниците ќе им бидат достапни кожни седишта, приклучоци за струја, светла за читање, простор со кафе-бар и бифе, како и автомат за самопослужување со кафе. Возовите на одредени делници ќе можат да достигнуваат брзина до 200 километри на час, јавува српската новинска агенција „Танјуг“.
Железничката линија Будимпешта–Белград е една од најголемите инфраструктурни инвестиции во регионот и се реализира во рамки на кинеската иницијатива „Појас и пат“. Српската делница е долга 183 километри, има два колосека и е целосно електрифицирана, што ја прави погодна и за патнички и за товарен сообраќај. Се очекува модернизацијата значително да го скрати времето на патување и да ја зголеми конкурентноста на железницата во однос на патниот и авионскиот превоз.
Работите се забрзуваат и од унгарска страна. Според „Вилаггаздашаг“, тековното затворање на пругата би можело да заврши кон крајот на февруари, што ќе овозможи воспоставување товарен сообраќај со брзина до 100 км/ч. Почетокот на патничкиот сообраќај се очекува во средината на март.
Тестирањето на пругата се одвива меѓу Шорокшар и Келебија. Тест-возовите постепено ја зголемуваат брзината – првиот ден возеле со 60 км/ч, а за само неколку дена достигнале 160 км/ч. За време на тестирањата возот накратко ја преминува границата кај Суботица, пред повторно да се врати во Унгарија.
Во инспекцијата е вклучена и подружницата на „Дојче Бан“, DB Systemtechnik, која користи специјализирани мерни возови. Еден од нив е брз мерен воз што може да ја проверува инфраструктурата при брзини до 280 км/ч, додека неговиот технички максимум изнесува 440 км/ч. Возот врши ласерски и камерски мерења, ја испитува геометријата на колосекот и ги анализира безбедносните параметри и удобноста на возењето.
Другиот, т.н. мерен воз со наклонета технологија, ја проценува состојбата на пругата во свиоци и на наклонети делови, ја надгледува интеракцијата меѓу пантографот и надземните водови и ја мери покриеноста со сигнал на мобилната мрежа.
Според актуелниот план, најпрво ќе започне товарниот сообраќај, а потоа и патничкиот. Доколку сè се одвива според планот, патниците веќе оваа пролет би можеле да патуваат со модерни, брзи и удобни возови меѓу Будимпешта и Белград, што ќе претставува практична железничка алтернатива на летот или патувањето со автомобил меѓу двете престолнини.
Регион
Илјадници во Косово протестираа против судењето на командантите на ОВК во Хаг
Илјадници луѓе се собраа во Приштина носејќи транспаренти на етничката албанска Ослободителна војска на Косово (ОВК) за да протестираат против судењето на поранешните водачи на ОВК, обвинети за воени злосторства во периодот помеѓу 1998 и 1999 година.
Поранешниот претседател Хашим Тачи, поранешните претседатели на парламентот Јакуп Красниќи и Кадри Весели, како и поранешниот пратеник Реџеп Селими беа уапсени во 2020 година и испратени на судење пред специјалниот суд за воени злосторства за Косово во Хаг.
Тачи и уште тројца поранешни команданти на ОВК се товарат за прогон, убиства, мачење и присилни исчезнувања на лица за време и непосредно по војната 1998–1999 година, кое на крајот на регионот му донесе независност од Србија. Тие ги негираат сите обвиненија.
Судот оваа недела ги сослушува завршните зборови во судењето, пред судиите да донесат правосилна пресуда во рок од три месеци.
Обвинителите бараат казна од 45 години затвор за секој од обвинетите.
Многу од демонстрантите носеа униформи на ОВК, додека други вееја знамиња на ОВК, Косово и Албанија. Поддржувачите држеа транспаренти со натпис „Слободата има име“, како и фотографии од Тачи и другите со пораки „Херои на војната и мирот“.

