Регион
Сведоштва за пукањето во училиштето во Србија: првин пукаше во учителката, децата се криеја под клупите
Таткото на девојчето, кое за време на пукањето во Белград истрчало од училницата, вели дека таа му рекла оти убиецот бил одличен ученик, кој со ладен израз на лицето влегол во училницата и пукал.
„Ќерка ми беше во тој клас, беше во училницата во која тоа момче ги испука првите истрели кон учителката, а потоа почна да пука во децата, кои беа под клупите, а моето дете истрча надвор“, изјави таткото „Н1“.
Тој рече дека во тоа време имале час по историја.
Како што рече, кога дошол пред училиштето, имало многу полиција, наставници, родители.
„Никој не знае ништо да каже, сите беа во шок, дојдоа многу полицајци, пукал во чуварите на училиштето“, вели таткото.
Претходно, едно од децата во училницата раскажа дека лежело врз мртвите тела на своите соученици и се преправало дека е мртво за да не настрада.
Некои од соучениците сведочат дека ученикот го вперил пиштолот кон сите во ходникот, кога настанала општа паника. Потоа влегол во училница.
„Слушнав пукање, некои ученици веднаш излегоа во ходникот за да видат што се случува. Отпрвин мислев дека нешто се слуша надвор. Сите почнаа да врескаат, настана општа паника, сите почнаа да трчаат, кога излегов, го видов, дојде и впери пиштол во сите нас“, низ солзи раскажува за „Блиц“ еден од шокираните ученици.
Засега е потврдена смртта на шест ученици, а неколкумина се хоспитализирани. Убиен е и членот на обезбедувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

