Регион
Се урна историска зграда во Истанбул, едно лице затрупано под урнатините

Историска зграда денеска се урна во истанбулскиот кварт Бешикташ. Под урнатините на зградата има затрупано лице, објавија очевидци цитирани од турската државна телевизија ТРТ-Хабер.
Трикатницата се урна при реставрација. Инцидентот се случил околу 15 часот и 30 минути.
При уривањето биле затрупани две лица. Едно лице е извлечено од под урнатините од луѓето од околината, јави агенцијата Анадолија.
Преземена е акција за спасување на затрупаното лице. Во областа се испратени полициски екипи, пожарникари, медицински лица, екипи на Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Во акцијата за спасување е вклучено и специјално обучено куче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Тело на мало девојче е пронајдено во реката Сава во Белград: „Има 7-8 години, телото веќе и се распаѓаше“

Телото на девојчето на возраст меѓу 7 и 8 години, кое пред три дена беше пронајдено покрај сплав на левиот брег на реката Сава во Нов Белград, е испратено на ДНК анализа за да се утврди нејзиниот идентитет.
Полицијата околу 15 часот и 35 минути добила пријава за тело во реката, по што утврдила дека телото на девојчето било закачено за сплав. На сплавот имало забава кога беше пронајдено телото. Според неофицијални информации, телото во моментот на откривање веќе било во фаза на распаѓање.
Девојчето носело розова маичка и кафени панталони.
Српските медиуми кои пишуваат за мистеријата на откривањето на телото на девојчето наведуваат дека во Србија нема регистрирани извештаи кои би можеле да се поврзат со овој случај, па се очекува истрагата да се прошири и во Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.
Истрагата ја презеде Вишото јавно обвинителство во Белград, кое се обидува да ги утврди сите околности на овој случај.
Некои српски медиуми сензационално објавија дека детето можеби е на девојче чија мајка во јануари годинава го фрлила телото во реката Сава во Загреб, поради што хрватската крајбрежна стража со денови ја пребарувала реката од загрепскиот мост Јанкомир до Сисак. Но, тоа девојче имало три години, а откако телото било пронајдено во Белград, српските медиуми објавија дека се работи за девојче на возраст меѓу 7 и 8 години.
Обдукцијата треба да даде одговор на клучното прашање – дали девојчето е убиено или неговата смрт е последица на давење. Форензичарите го испитуваат телото за траги на повреда што може да укажуваат на насилна смрт.
Полицијата разговарала со луѓето кои први го забележале телото во водата, а истрагата се уште е во тек.
Регион
„Франс прес“ за протестите во Србија и во Македонија: На Балканот младите протестираат против корупцијата

Од улиците на Белград во Србија до Скопје во Северна Македонија, на целиот Балкан, одекнува слоганот „корупцијата убива“, скандиран од студентите револтирани од смртта на десетици луѓе во несреќи за кои се верува дека биле предизвикани од корумпирани системи, пишува денеска француската агенција за печат во написот со наслов „Младите се креваат на Балканот“.
Како што пишува „Франс прес“, првите демонстрации во Србија избувнаа во ноември по уривањето на натстрешникот на новообновената железничка станица во вториот по големина град во земјата, Нови Сад, при што загинаа 16 лица.
Набргу дел од земјата ги виде раката на корупцијата во оваа катастрофа на штотуку реновираната железничка станица, големите трошоци и нетранспарентните договори, пишува „Франс прес“.
Агенцијата посочува дека во цела Србија на транспаренти, беџови и на ѕидови се појавила крваво црвена рака и станала симбол на протестите што ја тресат земјата, најголеми од 90-тите, а чие раководство набргу го презеле студентите.
Во март, пишува француската агенција, црвената рака се појави и во Северна Македонија по драматичниот пожар во дискотека во Кочани, при што загинаа 59 лица. Агенцијата посочува дека дискотеката работела со незаконски добиена дозвола, дека без дозвола била користена пиротехника, која го запалила таванот на преполната сала, дека на концертот на популарна група имало најмалку 600 луѓе, а клубот имал право да прими само 250.
Како што пренесува „Франс прес“, илјадници луѓе демонстрираа во главниот град на Северна Македонија, Скопје, со транспаренти на кои пишуваше „корупцијата убива“, а демонстрантите извикуваа „убијци“ и бараа целосна промена.
„Франс прес“ ги пренесува зборовите на Софија Тодоровиќ, директорката на српскиот разгранок на Младинската иницијатива за човекови права, која вели:
„Младите луѓе се доказ за многу подобро расудување и мудрост од претходните генерации. Тие навистина чувствуваат дека имаат улога, нивните гласови се бројат, ова е клучно за иднината на регионот“, рече Тодоровиќ, цитирана од „Франс прес“.
„Франс прес“ потсетува дека Србија е 105-та на листата од 180 земји за перцепција за корупција на невладината организација „Транспаренси интернешнл“ додавајќи дека Северна Македонија е 88. на таа листа.
Црна Гора, која исто така беше потресена од демонстрации на почетокот на 2025 година кога еден човек уби 13 луѓе на улица на 1 јануари, е 65-та на листата на перцепции за корупција, според агенцијата.
Во Црна Гора беа организирани неколку собири со барање за отпуштање високи безбедносни функционери, реформи во полицијата, конфискација на нелегално чуваното оружје и подобра грижа за менталното здравје.
Како и во Србија и во Северна Македонија, секоја демонстрација се одбележува со неколкуминутно молчење во чест на жртвите, наведува француската агенција. Во Бугарија минатата недела демонстрантите неколку минути молчеа на антикорупциските демонстрации насочени против пратеникот и поранешен магнат Дељан Пеевски, кој е под американски и британски санкции.
Не е исклучок и Грција, каде што властите беа критикувани дека раководат со истрагата за смртта на 57 лица, меѓу кои и многу млади луѓе, во железничката несреќа во февруари 2023 година. Како што наведува агеницијата, стотици илјади луѓе демонстрираа за втората годишнина од оваа катастрофа, што е вистинска колективна траума.
Регион
Предупредување за обилни врнежи и пораст на нивото на водата во Република Српска

Републичката управа за цивилна заштита на Република Српска издаде предупредување за пообилни врнежи и зголемување на нивото на водата.
Во предупредувањето се наведува дека од 24 до 29 март се очекува нестабилно време со чести, повремено обилни врнежи од дожд, како и од 60 до 150 милиметри дожд, јавува РТРС.
Поради очекуваните врнежи од четврток се очекува покачување на водостоите на сите реки, особено на реките во сливот Укрина, Усора, Босна и Врбања.