Регион
Словенец загинал од топовска граната од Првата светска војна
Топовска граната останата од Првата светска војна убила 64-годишен маж во селото Воглар кај Нова Горица во западна Словенија, во близина на границата со Италија.
Според локалната полиција, несреќата се случила вчера околу 14:30 часот при неконтролирана експлозија на топовска граната 75 милиметри, од француско производство, од периодот на Првата светска војна.
Полицијата продолжува со истрагата, а досега собрала податоци и извршила увид на местото на несреќата која се случила пред влез во гаража на станбена зграда.
Експлозијата веднаш го убила 64-годишниот жител, а истрагата за околностите на инцидентот продолжува, соопшти полицијата од Нова Горица.
Експлозијата и шрапнелите од гранатата предизвикале материјална штета во станбената зграда, а полицијата за сè го известила државното правобранителство.
На тој дел од словенечката територија, кој до 1918 година бил дел од Австро-Унгарија, имало фронт во конфликтот меѓу австро-унгарските и италијанските сили откако Италија влегла во војна на страната на Антантата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Хрватска со најголем пораст на цените на пицата во Европа
Во последната година Хрватска бележи најголем раст на цените на пицата меѓу европските држави, покажуваат податоците на Евростат, пренесе „24сата.хр“.
Според анализата, во август 2024 година пицата била поскапа за 7,2 проценти во однос на истиот месец лани. Зад Хрватска се наоѓа Летонија со раст од 6,6%, а потоа следуваат Грција, Романија и Унгарија со поскапување меѓу 5 и 5,3%.
Тоа се правда со зголемените цени на брашното, сирењето, месото, зеленчукот и енергенсите. Сепак, спротивно, во Луксембург, Данска и Ирска цените на пицата дури се намалиле – од 1,8 до 2,9 проценти.
Во познатата пулска пицерија „Ин Форно“, сопственикот Морено Марини изјавил дека не ги зголемиле цените, бидејќи голем дел од квалитетните состојки ги набавуваат директно од Италија, каде што се поевтини и до 40 проценти.
„Користиме само најдобро брашно и вистинска моцарела. Сакам подобар квалитет и фер цена за гостите“, изјавил Марини за 24сата, додавајќи дека и покрај растот на трошоците, ќе се обиде да ги задржи сегашните цени.
Регион
Силно невреме ја зафати Хрватска: паднати дрвја, покриви
Силниот дожд и ветер предизвикаа проблеми во делови од Хрватска, а особено драматично беше во Загреб, Славонија и во Меѓумурје, каде што пожарникарите имаа полни раце работа, пренесуваат тамошните медиуми.
Пожарникарите од Загреб реагираа на 66 интервенции. Повеќето од нив вклучуваа отстранување паднати дрвја, метални лимови, покриви и огради, испумпување вода и отстранување заштитни огради и електричен столб.
Иако времето се смири, пожарникарите ги повикаа жителите на Загреб да бидат внимателни поради преостанатите скршени гранки или други штети.
Бурата погоди делови од Осиечко-барањскиот округ во текот на ноќта, каде што илјадници жители останаа без струја поради прекини во електричната мрежа. Пожарникарите работеа цела ноќ за да ги отстранат паднатите дрвја и другите пречки од патиштата.
До утрото сите патишта беа проодни, а прекините во електричната мрежа постепено се санираат.
Илјадници без струја
Според податоците од Центарот 112 Осиек, првиот проблем почнал непосредно пред 2 часот наутро кога силните ветрови и активирањето на системот за заштита оставиле делови од населбите без струја, известува SiB.
Некои од дефектите беа поправени во текот на ноќта, а службите сè уште се на терен и работат на поправки.
Фото: принтскрин
Регион
Грција воведува социјални станови за справување со станбената криза
Грчката влада најави две нови мерки за ублажување на една од најтешките станбени кризи во Европа — воведување социјален наем и социјални станови.
Министерката за социјална кохезија и семејство Домна Михаилиду изјави дека проектите ќе се базираат на користење на запуштени државни имоти, меѓу кои и поранешни воени кампови во Атина, Солун и Патра, каде ќе се изградат 1.500–1.700 станови за домаќинства со средни приходи.
Втората мерка предвидува јавнo-приватно партнерство: приватните инвеститори ќе ги обновуваат напуштените јавни згради, а на државата ќе ѝ препуштаат најмалку 30 отсто од новите станови.
Иако мерките се оценети како позитивен чекор, експертите предупредуваат на бавни административни постапки и сложеност на имотните односи, што може да го успори процесот.
Според анализата на платформата „Просперити“ просечната цена на недвижнините во Грција достигнува 300.000 евра, додека новоградбите се достапни само за висока класа. Стапката на сопственост паднала за 12 отсто, а младите сѐ потешко доаѓаат до свој дом.
„Просперити“ предлага дополнителни решенија — наем со можност за купување, државни гаранции и даночни олеснувања, како и попрогресивен данок за празни станови и создавање национална база на податоци за недвижнини.
Како што вели Антониос Маркопулос од „Просперити“: „Клучот за стабилизирање на пазарот е транспарентност.“
Фото: архива

